Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одбележувањето на 70 – годишнината од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, денес, беше заокружено со доделување на благодарници на медиумите за континуирано следење на работата на оваа научна институција.

Благодарниците ги врачи директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, која истакна дека нивната научна установа е видлива поради присуството на медиумите кои информираат за сите нивни настани и активности.

Благодарници им беа доделени на повеќе медиуми кои континуирано даваат поддршка на Институтот за македонски јазик, меѓу кои: „Македонска телевизија“, првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, „Македонско радио“, „Телевизија 24“, „Сител“, „Канал 5“, „Алфа“ – телевизија, „Слободен печат“, „ТВ 21“, „Телма“, „Алсат М“, „ТВ Сонце“, „МИА“, „Види вака“, „Радио Слободна Европа“, „Република“, „ТРН“, „Рацин“, „Бизнис вести“.

Благодарница од Институтот за македонски јазик доби дневниот весник „Нова Македонија“ како медиум кој е исклучително посветен на континуирана афирмација на македонскиот јазик.

Весникот „Нова Македонија“ е историски поврзан со кодификацијата на македонскиот јазик, со фактот дека директно учествувал во неговото официјализирање како службен јазик во Република Македонија. Имено, на 5 мај 1945 година со објавата во „Нова Македонија“ е официјализирана азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.

– Ви благодарам и што бевте коректни и што ја почитувавте нашата определба да не бидеме вклучувани во политичките превирања во државата и да информираме само за активностите на Институтот и нашите планови. Го поминавме и периодот на ковид, работевме со полупразни амфитеатри бидејќи така се бараше, но новинарите секогаш беа на број, известуваа и целата јавност, седејќи дома, знаеше што се случува во Институтот за македонски јазик, како го одбележуваме Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Денот на македонскиот јазик итн. – рече  Јованова-Грујовска.

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ со повеќе активности одбележува седум децении од формирањето кои се совпаѓаат со уште неколку јубилеи – 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, 80 години од првиот час на македонски јазик во кичевското село Подвис, 100 години од раѓањето на Ацо Шопов како и научната манифестација, Отворени денови на Институтот.

Ј.П.