Dmitry Medvedev
Фото: ЕПА

Заменик-претседателот на Совет за безбедност на Руската Федерација и поранешен руски претседател Дмитриј Медведев изјави дека, според него, повеќе не треба да важат никакви правила во однос на украинските власти, обвинувајќи го Киев за сè поинтензивни напади врз руска територија.

Во објава на социјалната мрежа Макс, Медведев наведе дека зачестените напади врз руските градови претставуваат причина за преиспитување на досегашниот пристап кон конфликтот.

-Со оглед на масовните напади на непријателот врз нашите градови, чиј интензитет се зголемува и очигледно ќе продолжи да расте, време е отворено да се каже дека повеќе нема правила за неонацистички Киев и дека не може да има – напиша Медведев.

Тој истакна дека единствената граница која, според него, не смее да биде премината е намерното и свесно насочување напади врз цивилно население.

-Намерното уништување на цивили е единствената линија што не смее да се премине. Сè друго е дозволено – наведе рускиот функционер, притоа критикувајќи ги украинските власти и нивните европски сојузници.

Медведев во својата објава ја доведе во прашање и актуелната примена на меѓународните правила на војување, оценувајќи дека современите конфликти значително се разликуваат од оние во времето кога биле донесени меѓународните конвенции.

Според него, војните денес се водат со ракети, беспилотни летала и напредни технологии, поради што старите правни рамки повеќе не одговараат на реалноста на современото војување.

Во тој контекст, Медведев се повика на правниот принцип rebus sic stantibus, кој во меѓународното право означува можност одредени обврски да престанат да важат доколку околностите врз кои биле засновани суштински се променат.

Изјавата на Медведев доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Русија и Украина, при што двете страни меѓусебно се обвинуваат за напади врз цивилна и критична инфраструктура.