Белорускиот претседател Александар Лукашенко остро ги отфрли обвинувањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Белорусија ѝ помага на Русија во изведувањето напади со беспилотни летала врз Украина, оценувајќи ги како „празна реторика и чиста глупост“.
Реакцијата на Лукашенко следува откако Зеленски го обвини Минск дека дозволува користење на својата територија и инфраструктура за руски воени операции и предупреди дека Киев ќе преземе мерки доколку спорната опрема не биде отстранета во рок од една недела.
-Белорусија не планира да ја нападне Украина. Тоа никогаш нема да се случи. Немаме војници таму и никогаш нема да ги имаме. Тој го знае тоа, а и украинската армија го знае тоа – изјави Лукашенко, притоа обвинувајќи ги европските држави дека вршат притисок врз Зеленски да дава вакви изјави.
Говорејќи пред новинарите на маргините на самитот на Евроазиска економска унија во Астана, белорускиот лидер се осврна и на наводите од Киев дека Украина идентификувала околу 500 потенцијални воени цели на белоруска територија.
Според него, украинската армија нема интерес од отворање нов фронт кон Белорусија, бидејќи тоа би значело дополнителни 1.500 километри активна линија на конфликт.
-Украинската армија не сака војна со Белорусија. Тоа го знам сигурно. Тие разбираат дека таков развој на настаните би создал нови сериозни предизвици за нив – рече Лукашенко.
Тој предупреди дека евентуален напад врз Белорусија би можел значително да ја промени динамиката на конфликтот.
-Не дај Боже да започне воен напад врз Белорусија од која било територија. Војната во Украина тогаш би добила сосема поинаков карактер – изјави белорускиот претседател, без дополнително да ги прецизира можните последици.
Во своето обраќање, Лукашенко упати и лични критики кон Зеленски, наведувајќи дека се обидува да ја разбере неговата позиција поради воените околности и силниот притисок под кој се наоѓа украинското раководство.
Изјавите на двајцата лидери доаѓаат во услови на зголемени тензии меѓу Белорусија и Украина, по серијата меѓусебни обвинувања поврзани со воените активности во регионот и улогата на Минск во конфликтот меѓу Русија и Украина.


































