Фото: принтскрин

Вкупно 33,2 отсто од бруто домашниот производ годишно во државата отпаѓа на сивата економија, покажува анализата на Стопанската комора на Македонија на тема „Сивиот дел на македонската економија: големина, импликации, решенија“ што беше промовирана денеска на прес-конференција.

Анализата изготвена е од професорот Александар Стојков, потпретседателот на Комората Зоран Јовановски и Павле Гацов, даночен експерт и член на Управниот одбор.

Процентот, според, потпретседателот на СКСМ Јовановски, е на исто ниво со земјите од Западен Балкан, но е речиси двојно повисок од просекот на земјите членки на Европската унија, кој изнесува 19, 4 отсто од Бруто домашниот производ.

– Низ бројки 33,2 проценти од БДП во 2022 година „сивиот дел“ на македонската економија изнесува 4.282 милиони евра, односно 1.280 милиони евра изгубени приходи во државниот буџет. Ако како земја би успеале да се сведеме на просекот од ЕУ, со толкава сива економија би имале 450 милиони евра поголеми приходи во буџетот годишно – појасни Јованосвки.

Тие средства, подвлече, би значеле инвестиции во здравство, образование инфраструктура.

Мотив за анализата, според Јовановски, било зголемувањето на државните давачки секогаш кога се потребни дополнителни пари во буџетот, за оние кои и онака редовно и во целост ги исполнуваат своите обврски кон државата.

– Постојано укажуваме дека треба да се направат сериозни напори на потешкиот пат, а тоа е да се влезе во костец и сериозна борба со сивата економија – вели Јовановски.

Последиците од сивата економија, потсети, негативно се одразуваат на финансиската кондиција на компаниите што работат согласно законите.

– Сивата економија го поткопува и владеењето на правото, затоа што кога таа се толерира, практично воведувате неказнивост во системот и намалување на довербата на сите во земјата во владеењето на правото. Толерирањето на сива економија во поголем обем и подолг временски период носи ризик во даден момент, тие кои што се дел од сивата економија на одреден начин да го преземат општеството со својата ментална матрица и со тоа да го преобликуваат согласно својот начин на размислување. Оттука произлегува дека сивата економија не е само економско, туку и длабоко општествено прашање – истакна Јовановси.

Членот на Управниот одбор и даночен експерт Павле Гацов, смета дека е потребна силна политичка волја и бескомпромисен пристап за внесување во системот на оние што не плаќаат данок и уредно да си ги плаќаат своите давачки. Тоа е битно, особено, вели, ако се земе предвид фактот дека иако не плаќаат даноци, тие имаат право да ги користат сите државни услуги еднакво како и оние што плаќаат, во контекст на патиштата, безбедноста од војската и полицијата, здравството, образованието.

Во овој период посочи дека се активни две стратегии за борба против сивата економија, но оти ефектите и резултатите од нив не успеале да ги најдат, односно не биле презентирани.

– Сметаме дека Македонија е во ситуација кога треба да се впушти во бескомпромисна борба со сивата економија и да се заборави на политичката толеранција оти сивата економија го обезбедува социјалниот мир, се работи за наши гласачи и слично – истакна Гацов.

Како еден од водечките проблеми за генерирање на сивата економија ја посочи готовината. – Затоа бараме проект за истиснување на готовината, бидејќи таа ја храни сивата економија – подвлече Гацов.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески најави декларација со која бараат договор меѓу сите релевантни субјекти во државата и наредните десет години да се постигне консензус, да се посветат на економијата.

– Тоа наиде на разбирање кај сите. Декларацијата ја потпишаа 300 компании, членки на СКСМ, сите бизнис организации и државни универзитети во државата, МАНУ и други институции кои соработуваат со нас и се значаен фактор во работењето и на државата и на бизнисот – рече Азески.

Смета дека е време после 31 година од осамостојувањето, државата да направи еден пресек и еден рестарт за состојбите затоа што, според Азески, само така можеме да излеземе и да ги надминеме проблемите.

Стопанската комора на Македонија, нагласи, е најголема и најплодна бизнис заедница во државата.