Фото: МВР/илустрација

Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на изминатото деноноќие полициските службеници на територијата на целата држава лишиле од слобода 16 лица поради безобѕирно управување со моторни возила.

Според податоците на МВР, најголем дел од приведените, односно 11 возачи, биле затекнати како управуваат возила без да поседуваат важечка возачка дозвола. Дополнително, четири лица биле фатени како возат под дејство на алкохол, додека едно лице управувало возило и покрај тоа што имало активна забрана за управување, а истовремено било и под дејство на алкохол.

Во рамки на контролите, возачи од Скопје, Куманово, Гостивар, Кривогаштани и Кочани биле затекнати како управуваат моторни возила без возачка дозвола. Воедно, во Виница и Кочани биле откриени лица кои управувале мопеди без соодветна категорија на возачка дозвола.

Кај возач од Македонска Каменица било утврдено присуство на алкохол, додека возач од Општина Дебарца со измерени 1,99 промили алкохол во крвта предизвикал сообраќајна незгода, удирајќи во бетонска жардињера.

Полицијата регистрирала и мотоциклист од Кавадарци со 2,03 промили алкохол во крвта, како и возач на мопед од Кочани со 1,88 промили.

Највисока концентрација на алкохол била измерена кај возач од Прилеп, кај кого биле утврдени 2,45 промили алкохол во крвта. При дополнителните проверки било констатирано дека лицето имало и активна забрана за управување со моторно возило.

Од Министерство за внатрешни работи најавуваат дека по целосното документирање на случаите против сите лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Воедно, МВР упати апел до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возила без положен возачки испит, за време на активна забрана за управување или под дејство на алкохол, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.