Првите гости пристигнуваат, но остануваат отворени прашања за туризмот
- Статистичките податоци покажуваат дека последниве години повторно расте бројот на туристи во Македонија, но бројот на ноќевања и понатаму останува низок. Едно од клучните прашања за туристичкиот сектор во земјава е како да се зголеми бројот на гости од европските држави, особено од земји од кои традиционално ни доаѓаат туристи, како што се Полска и Холандија. Но и што е тоа што ни недостига за поголем раст на бројот на туристи, односно за развој на туризмот?
Со почетокот на јуни голем број граѓани веќе го испланирале годинешниот летен одмор или се во финална фаза на договарање, а ова секако е период кога се очекуваат и странски посетители во туристичките дестинации во Македонија. Во изминатите денови во земјава пристигнаа првите гости од Полска, земја од каде што традиционално доаѓаат организирани групи туристи.
Статистичките податоци покажуваат дека последниве години повторно расте бројот на туристи во Македонија, но бројот на ноќевања и понатаму останува низок. Едно од клучните прашања за туристичкиот сектор во земјава е како да се зголеми бројот на гости од европските држави, особено од земји од кои традиционално ни доаѓаат туристи, како што се Полска и Холандија. Но и што е тоа што ни недостига за поголем раст на бројот на туристи?
Доц. д-р Љупчо Јаневски од Универзитетот „Скопје“ за „Нова Македонија“ потенцира дека во последните две години, односно во 2024 и 2025 година, континуирано бележевме пад на домашни туристи, кои, според гледиштето на компетентните личности во туристичката индустрија, претставуваат база односно создаваат одржливост на дестинацијата бидејќи генерално не треба да имаат сезона.
– За тоа постојат неколку причини, кои се општо познати, слабо развиена инфраструктура, недостиг од инвестиции во дестинацијата, мал број нови туристички атракции, отсутност на промоција, како и недоволна конкурентност со регионалните дестинации што од македонските туристи генерираат помеѓу 400 и 500 милиони евра, што претставува голем одлив и пропуштена шанса за реинвестирање во локалниот економски развој преку туризмот. Сепак доколку се погледне интензитетот на остварените ноќевања на домашните туристи, ќе се добие податок дека најголем број ноќевања односно 50 проценти од вкупниот број се реализираат во јули и август, што е поразително за дестинацијата создавајќи енормен дополнителен притисок во туристичката сезона – нагласува Јаневски.
Домашните туристи се основ за развој на секторот
Нашиот соговорник потенцира дека една од причините за ваквите состојби е отсуството на државни мерки за стимулирање на викенд-пакетите и дополнителните мерки за инвестирање во дестинацијата, како и модел на субвенционирање домашни туристички агенции за домашни туристи и аранжмани надвор од сезона.
– Домашните туристи се уште позначајни, знаејќи дека 51 отсто од вкупните ноќевања се генерираат од домашните туристи, а тие претставуваат околу 35 проценти од вкупниот број на туристи во текот на годината. Со сериозен пристап и среднорочни стратешки цели во наредните пет години може да се очекува зголемување на домашните туристи, а една од можностите претставува бањскиот туризам, во кој сериозно мора да имаме инвестиции, кој придонесува со својот мултипликативен ефект, но и поради фактот што за него не постојат сезони. Нашата цел, според одредени мои истражувања, треба да биде четири милиони ноќевања од домашните туристи во 2032 година доколку сериозно си ја завршиме домашната задача – нагласува Јаневски.
Некои од туристите доаѓаат во Македонија на краток престој
Тој нагласува дека туристите што ја посетуваат Македонија најмногу користат автобуски или автомобилски превоз односно околу 94 проценти, додека преостанатиот процент останува за авионскиот превоз. Сепак Јаневски истакнува дека овој тип на превоз во многу нешта ќе стане покомплициран поради случувањата на Блискиот Исток, недостигот од гориво, високите цени, но и откажувањето и намалувањето на одредени авионски линии годинава.
– Новите авионски линии секогаш овозможуваат поголем број на патници и зголемен број на туристи од тие дестинации и обратно. Сепак, за да бидеме целосни и доследни, потребно е да направиме одредена компарација, ако ја земеме за пример компанијата „Трансавија“ со линијата Амстердам-Скопје, или „Ер Балтик“, кој оперираше двапати неделно во 2025 година, како и „Луфтханза“ во 2026 година и намалените операции на национална авионска компанија, се создава празен простор што треба да се пополни со нискобуџетните компании, кои пред сѐ имаат сезонски карактер, што претставува доволно голем предизвик за 2026 година – нагласува Јаневски.
Тој дополнува дека ако го споредиме полскиот пазар за Охрид во 2019 година, со чартер-летови трипати неделно од Катовице на кои оперираат три туроператори од Полска, линијата Варшава-Охрид и неколкупати неделно линијата Варшава-Скопје, што резултираше со приближно 24.000 полски туристи и 101.000 ноќевања во Југозападниот Плански Регион, можеме да забележиме дека во 2025 година бројот е преполовен на 12.628 полски туристи и 45.3243 остварени ноќевања.
– Полските туристи престојуваа со седум или четиринаесетдневен аранжман, кој овозможуваше и дополнителен ефект во пансионската потрошувачка. За жал, во 2024 година полските туроператори ги пренасочија своите патувања во Албанија, а Македонија ја вметнуваат во еднодневна екскурзија со посета на Охрид или едно ноќевање, што очигледно ги преполови полските туристи во Југозападниот Регион.

Статистички, нивното место го зазедоа турските туристи со различен фокус на кружни автобуски патувања во повеќе земји и просечен престој од 1,8 денови во Македонија, со реална неможност квантитетот да го замени квалитетот на гостите со аранжмани.
Сепак новите линии во мала мера ќе ги надоместат полските туристи и сметам дека поголем број наши туристи ќе ги посетуваат полските градови, а туристите од Полска ќе престојуваат неколку дена во Охрид или ќе комбинираат посета на Македонија и Албанија – објаснува Јаневски.
Туризмот може да биде двигател на економскиот развој на државата, а Јаневски посочува дека туристичкиот сектор претставува област за чиј развој се потребни повеќе од две до три авионски линии во туристичката сезона, односно долгорочен државен пристап.
– Мора да се поздрави почетокот на подготовката на националната стратегија 2027-2032 година, која за првпат ја подготвуваат македонски експерти, кои сум сигурен дека одлично ќе ја постават и подготват по сите светски стандарди за една туристичка дестинација. Остануваат прашањата зошто Министерството за култура и туризам чекаше за нејзината подготовка речиси три години и дали има административни капацитети и институции за да ја имплементираат– заклучува на крајот Јаневски. Е.Р.
Чекори што мора да се преземат за развој на туризмот
Доц. д-р Љупчо Јаневски предлага чекори за развој на туризмот во Македонија што, според него, претставуваат светски стандарди за дестинација што сериозно е подготвена да гради туристички сектор, а не да блеснува со неколку проценти раст, кој е далеку од регионот, базирајќи се на природните ресурси и потенцијали за развој на туризмот.
1. Подобрување на инфраструктурата – поквалитетни патишта, туристичка сигнализација и пристап до туристичките локалитети.
2. Поголема меѓународна промоција – силен дигитален маркетинг и настап на меѓународни туристички саеми.
3. Развој на руралниот туризам – поддршка на локалните домаќинства, етносела и автентични туристички искуства.
4. Подобрување на човечките ресурси – едукација и обука на туристичките работници за повисок квалитет на услуги.
5. Привлекување инвестиции – поддршка за нови хотели, туристички комплекси и иновативни туристички производи.
6. Одржлив туризам – заштита на природните и културните ресурси и нивно одговорно користење.
7. Развој на специјализирани форми на туризам – културен, вински, гастрономски, авантуристички, здравствен и конгресен туризам.
8. Подобра регионална соработка – создавање заеднички туристички понуди со земјите од Балканот.
9. Дигитализација на туристичката понуда – онлајн резервации, виртуелни тури и паметни туристички решенија.
10. Продолжување на туристичката сезона – организирање настани и фестивали во текот на целата година. Е.Р.


































