Премиерот Христијан Мицкоски најави дека процесот на реконструкција на Владата ќе биде формализиран до крајот на јуни, а најдоцна до 1 јули предлог-составот ќе биде доставен до Собранието на разгледување и усвојување, пренесе МИА.
Говорејќи пред медиумите по поставувањето камен-темелник на нова детска градинка во населбата Козле, Мицкоски изјави дека разговорите со коалициските партнери продолжуваат и дека се разгледуваат повеќе кадровски и организациски решенија.
-Во интерес на процесот не би навлегувал во конкретни имиња и кадровски решенија. Разгледуваме различни опции, вклучително и промени на ресори. Вчерашниот состанок со претставниците на ВРЕДИ помина во добра и конструктивна атмосфера, а денеска ќе разговараме и со претставниците на ЗНАМ – изјави премиерот.
Тој додаде дека целта е до крајот на следната недела да се заокружи првата фаза од реконструкцијата, која се однесува на највисоките владини позиции.
Мицкоски најави дека по завршувањето на владината реконструкција ќе следуваат промени и во други институции и структури на локално ниво, вклучително и во јавните претпријатија.
-Имаме свои оценки за работата на директорите во јавните претпријатија. На повеќето места сме задоволни, но има и сегменти каде што е потребно подобрување. Процесот ќе продолжи во текот на летото и ќе опфати промени и на локално ниво – рече тој.
Паралелно со институционалните промени, премиерот најави и внатрепартиски активности во ВМРО-ДПМНЕ. Според него, во втората половина на јули ќе започне процес на ажурирање на членството и нови зачленувања, кој би траел до крајот на септември.
Мицкоски оцени дека реконструкцијата претставува длабински процес кој ќе донесе суштински промени во функционирањето на институциите до крајот на летниот период.
Во меѓувреме, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани изјави дека не разговарал со премиерот за евентуалните кадровски промени и нагласи дека секој мандатар има право самостојно да го формира својот тим.
-Не сме на овие позиции за да бидеме товар, туку за да работиме во интерес на граѓаните. Поважно е што сме направиле за државата и народот отколку кои функции ги извршуваме – порача Лимани, додавајќи дека останува посветен на реализација на проекти од јавен интерес, без оглед на исходот од реконструкцијата.



































