Голема благодарност за убавата дружба, енергија, топлина и споделена љубов која зрачеше од сите нас. Ноти на благо вино, музика и искрени насмевки, напиша Елизабета Петковска, лице со Даунов синдром, на Фејсбук, по настанот во саботата чиј домаќин беше винаријата „Стоби“. На забавата од хуманитарен карактер за меѓусебно дружење и незаборавни моменти на лицата со Даунов синдром, за атмосферата, освен домаќините и гостите, се погрижија и артисти од македонската музичка естрада.
-Ова беше продолжување на нашиот проект „Хуманоста на дело“ востановен во 2019 година. Годинава продолжи со многу поразлични содржини и можности, заеднички да помогнеме на ранливите категории и да придонесеме за повисоко ниво на социјална инклузија особено кон лицата со посебни потреби, по повод одбележувањето на 21 март, Светски ден на лицата со Даунов синдром – рече Ана Јорданова, генерален менаџер на „Стоби“.
За гостите имаше специјално подготвената закуска, а вкусија и од врвните вина на „Стоби“. Картичката за присуство на настанот чинеше 1.000 денари, кои што ќе бидат донирани на посебна, хуманитарната сметка, наменети за поддршка на лицата со Даунов синдром. Во состав на настанот, беше организирана и аукција за архивски вина на „Стоби“, а средствата од наддавањето исто така ќе бидат донирани за хуманитарни цели.
-Има работи кои можеш да ги направиш а јас не, но има работи кои јас можам да ги направам а ти не; затоа, ајде да направиме нешто убаво заедно. Можеби не можеме сите да правиме големи работи, но сите можеме да правиме мали работи со многу љубов. Ова се зборовите на нашата Мајка Тереза, која е совршен пример за тоа колкава може да биде човековата добрина и желбата да се помогне некому. Токму ова ни беше нашиот лајтмотив, за уште еднаш и повторно да организираме еден настан кој по својот карактер ќе има длабока хумана димензија, а во истовреме ќе биде интересен, забавен и уникатен. Пресреќни сме поради сите насмевки на бројните гости, прекрасната енергија која беше споделена на одлична забава, со хуманитарна цел – додава Јорданова.
Настанот беше помогнат и од првата приватна општа болница „Ре-Медика“, голем поддржувач на лицата со Даунов синдром.