Фото: Макфакс

Поранешната шефица на СЈО Катица Јанева и нејзината одбрана се очекува да ги кажат завршните зборови за случајот „Рекет“ на денешното рочиште закажано во Кривичниот суд во Скопје.

Првообвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, вчера ги даде неговите завршни зборови барајќи ослободителна пресуда, бидејќи според него Обвинителството не прикажало цврсти докази.

Вилма Русковска, пак, ги кажа завршните зборови на Обвинителството на рочиштето одржано на 26 мај.

По денешното рочиште треба да се закаже уште датум за изрекување на пресуда.

Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција во случајот „Рекет“ ги обвини Боки 13 и Катица Јанева дека со умисла го рекетирале бизнисменот Јордан Камчев за да му се укине мерката притвор во предметот „Империја“, во кој е обвинет.

Третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец, пак, на првото рочиште за „Рекет“ призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор. На Милески потоа му беше укинат и куќниот притвор. Судскиот процес за „Рекет“ почна на 3 декември минатата година.