Сѐ уште се трага по исчезнатите лица во реката Лепенец, информираше за МИА, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Тој рече дека се трага во исклучително тешки услови.
– Реката е длабока и многу брза и носи предмети со неа кои претставуваат опасност на нуркачите – рече тој.
Станува збор за лицата кои со возило со косовски регистарски таблички при вчерашната сообраќајна несреќа паднаа во реката Лепенец на патот Скопје – ГП Блаце. Во возилото, покрај возачот, имало и тројца сопатници. Едно лице е извадено од реката и пренесено во ГОБ „8 Септември“, а по останатите три лица се трага.
Според првичните информации од Основно Јавно обвинителство, до несреќата дошло кога автомобил „Фолксваген туран“ со македонски регистарски ознаки претекнувал колона автомобили.
– Во моментот кога стигнал паралелно до автомобил со „БМВ“ косовски регистарски таблички кој се движел во истата колона, двете возила се доближиле и странично се удриле, по што косовскиот автомобил со четворица патници излетал од патот и се превртел во реката Лепенец – стои во соопштението од ЈО.
Дополнуваат дека причините за сударот сѐ уште се утврдуваат.