Фото: Макфакс

Откако Апелација ја зголеми казната затвор за возачот кој ја прегази Викторија Николова кај „Сити мол“, за семејството на загинатата, таа е убиена по третпат. Таткото Славе Николов вели дека тие бараат правда и утеха, но не ги наоѓаат, исто како што ја бараат Викторија, а неа ја нема.

Апелација ја зголеми затворската казна на возачот што усмрти девојка кај „Сити мол“

– Викторија во рок од пет месеци е убиена трипати, првпат прегазена од несовесен учесник во сообраќајот, двапати прегазена од недопирливото судство во Македонија. Колку тежи едно убиство, колку тежи еден човечки живот, колку се битни законските прописи, колку вам ви е важно дами и господа седнати во удобноста на вашата функција судија, која некогаш беше симбол на правдата, а денес симбол на неправдата! Спречивте ли нови смртни случаи низ државата!? Спречивте ли нов случај Викторија!? Спречивте ли сообраќајно насилство!? Не, не и не – посочува Николов.

Според него, сега одново се дозволува лудување по улиците.

– Со која совест и свест навечер легнувате, наутро станувате!? Со кое лице на работа одите!? Не сте дораснати да разберете и нема, да не гори на ваша кожа, тогаш ќе сфатите колку боли, колкава е загубата и тогаш ќе сфатите дека нема казна која ќе го врати вашето чедо, но и тогаш ќе разберете дека не се работи за казната, се работи за правдина. Овде ја нема, на другиот свет никој не ја избегнал! За ситни кривични дела ги оставате по 3-4 години затвор, за крупни дела се спогодувате, за човечки живот око не ви трепнува, глас не затреперува, свест не преработува! Дојдете еден ден, само еден ден, во очи погледнете нѐ, очи ќе ви преговорат дека ние не по наша желба го минуваме овој пат, ние не по наша желба сакавме да ја искусиме горката правдина, ние не по наша желба ја изгубивме нашата Викче. Ни ја зедоа, ја нема, ја убија, а вие ја докусуривте – додава таткото на Викторија.

Сообраќајката во која загина 24-годишната Викторија Николова, а нејзиното момче Леонид Даов беше повреден се случи на 20 јануари на раскрсницата кај „Сити мол“. Возачот со брзина од 67,3 километри на час, што е за 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, удри во двајцата пешаци кои поминувале улица. Според обвинението, возачот не обрнал внимание дека семафорите се исклучени, со тоа, иако бил должен, тој не ги пропуштил пешаците.