Министерот за правда Никола Тупанчески на денешната прес-конференција информираше за координираната акција во текот на вчерашниот ден која беше спроведена во затворот „Идризово“, а во која при претересот во затворските простории беа пронајдени мобилни телефони, ладно оружје, психотропни супстанции и недозволени материи. По комплетирање на документите доколку се утврди одговорност ќе се бараат оставки на сите чинители.

– Никој нема да биде поштеден од одговорност. Би требало да има градација на одговорност затоа што тука не се работи за дисциплинска одговорност. Постапката за именување и разрешување на директор на КПУ е утврдена со закон. Таму е јасно наведено дека доколку некој не ги исполнува условите тогаш не може да зборуваме за професионализација на затворскиот менаџмент – рече Тупанчески.

Министерот Тупанчески информираше и за неодамнешната посета на Комитетот за борба против тортура и нечовечко понижување и постапување во затворите во чии извештаи имаше сериозни забелешки за дел од затворскиот менаџмент кој според нив не ги исполнуваат условите за извршување на функцијата. Пораката беше пренесена и до Министерството за правда, заедно со другите институции да се отпочне со отстранување на недостатоците.

– Ова е почеток на она што може да претставува афирмација и соодветна реакција за девијантните појави. Ова е шанса да се отпочне со подобрување на состојбите во затворите – порача Тупанчески.

Министерот информираше дека претерсот во КПД Идризово не бил селектиран. Координирани акции во казнено поправните установи ќе има и во наредниот период а секое именувано лице ќе сноси одговорност доколку стори кривично дело за злоупотреба на службената положба.