Транк е „супстанција што се пуши, шмрка или се инјектира“ и предизвикува страшни рани, кои се појавуваат по целото тело. Тоа се често длабоки рани, кои полека зараснуваат, а во многу случаи доведуваат до ампутација на делови од екстремитетите кај уживателите на оваа дрога

Наркотикот транк евтин за производство, прескап по здравјето

Големите американски градови, а особено Сан Франциско, во последните неколку месеци водат тешка битка со уличната дрога транк, која буквално ги претвора корисниците во човечки зомби. Бројката на корисници секојдневно расте, а медиумите споделуваат видеоснимки и фотографии од луѓе што стојат како замрзнати или подгрбавени, не можејќи да се исправат и правилно да ги користат сите четири екстремитети. Некои од нив дури и лежат беспомошно на земја, комплетно исклучени од реалноста на случувањата. Оваа дрога не само што целосно ги отсекува од реалноста туку дополнително им предизвикува отворени рани на кожата на телото. Транк е мешавина од опиоидот фентанил и средството ксилазин за смирување крупен добиток, како крави и коњи, кое може да се добие во ветеринарните аптеки со рецепт.

Признание од властите дека ја губат контролата

Дрогата транк молскавично се шири во Соединетите Американски Држави, а тоа несомнено значи дека во следниот период ќе треба да ја очекуваме и на Стариот Континент.
Во Сан Франциско, бројот на предозирани луѓе со ксилазин откриен во нивните тела се зголемува од месец на месец, а медиумите сега пишуваат дека трагични ситуации сѐ повеќе се случуваат и во Лос Анџелес. „Дејли мејл“ пишува дека властите на Лос Анџелес на секој начин се обидуваат да го спречат ширењето на дрогата, која буквално „јаде месо“ и „го зазема градот“.
Дилерите често ја мешаат оваа „дрога за зомби“ со кокаин и хероин, но најчесто се користи за намалување фентанил, смртоносен синтетички опиоид.
Според соговорниците, „транк е супстанција што се пуши, шмрка или се инјектира и предизвикува страшни рани, кои се појавуваат по целото тело“. Тоа се често длабоки рани, кои полека зараснуваат, а во многу случаи доведуваат до ампутација.
Здравствените власти во Филаделфија признаа дека немаат контрола врз кризата со дрогата во нивниот град и предупредија дека таа ќе се прошири и во другите делови на земјата. Медицинските сестри ги опишаа раните предизвикани од ксилазинот како „нешто да ви го јаде телото однатре кон надвор“.

Предупредување дека зомби-дрогата со сигурност доаѓа и во Европа

Кога ксилазинот се комбинира со опиоиди како фентанил, тој ги зголемува опасните по живот ефекти на респираторната депресија (забавување или запирање на дишењето) предизвикана од опиоиди, зголемувајќи го ризикот од предозирање и смрт. Налоксон, лек што се користи за лекување на предозирањето со опиоиди, нема ефект врз предозирањето со ксилазин.
Неодамна анализираните податоци покажуваат 1.000 отсто зголемување на предозирањето поврзано со транк во јужните држави, што укажува на брзо и алармантно ширење. Дилерите мешаат фентанил со ксилазин за да го создадат коктелот транк за да ги намалат нивните трошоци и да ја зголемат побарувачката. Корисниците на дрога изјавиле дека новиот коктел им го зголемува нивото на зависност, па затоа го консумираат почесто.
Фентанилот во голема мера го произведуваат мексиканските картели, а хемикалиите за неговото производство доаѓаат од Азија, од Кина до Индија, Тајланд и Виетнам.
Оваа дрога во моментов е најопасната и најбрзорастечка синтетичка дрога, која е дури 50 пати посилна од хероинот и може да предизвика инстант зависност.
– Со фентанил, ризикот од предозирање е многу поголем, а синтетичкиот опиоиден аналгетик е 100 отсто посилен од морфинот. Токму оваа дрога го уби музичарот Принц. Профитот на наркопазарот од фентанил е огромен, а произлегува од релативно ниската цена на производство и високата продажна цена – велат експертите.
Серијата на рации во кои беа запленети мали количества фентанил во Европа во последните месеци ги зголеми стравувањата дека дрогата се шири и на нашиот континент. Во Европа, прва на линијата на новата нарковојна е Белгија, како главна влезна точка за наркотиците што пристигнуваат од Латинска Америка.

Фентанилот се користи за анестезија

Фентанилот е создаден во 1959 година, од д-р Пол Јансен, белгиски хемичар и основач на „Џенсен фармацеутика“. Под контролирани услови се користи и како лек за време на седација и за ублажување на силната болка при операција. Според истражувањето спроведено од лекарите во Општата болница во Масачусетс, тестовите на електричната мозочна активност ги откриле ефектите на фентанил и покажале дека лекот го прекинува дишењето на луѓето пред да се случат други видливи промени и пред да изгубат свест. Во студијата биле земени електроенцефалограми (ЕЕГ) од 25 пациенти што биле под општа анестезија за операции во траење од два или повеќе часа. Истражувањата покажаа дека одредени модели на ЕЕГ се поврзани со дишење, седација и губење на свеста.