Алармантни предупредувања за ова лето

Јужна Европа се подготвува за многу суво лето. Некои региони веќе страдаат од недостиг од вода, а земјоделците ги очекуваат најлошите приноси во последните децении. Додека климатските промени го прават регионот потопол, годините на последователни суши ги исцрпуваат резервите на подземни води. Почвата стана сува во Шпанија и јужна Франција. Нискиот водостој на реките го загрозува производството на хидроенергија ова лето.
Со доближувањето на температурите кон просекот од летните месеци, синоптичарите предупредуваат дека Европа е на пат кон уште едно брутално лето. Минатото лето беше најжешкото досега, предизвикувајќи суша за која истражувачите од Европската Унија велат дека е најлоша во последните 500 години.
Засега ситуацијата е најтешка во Шпанија.
– Ситуацијата со сушата ќе се влоши ова лето – вели Хорхе Олчина, професор по географска анализа на Универзитетот во Аликанте, Шпанија.
Во овој момент има мали шанси дождот да се реши овој вид суша.
– Во овој период од годината единствено што можеме да имаме се локални бури, кои нема да го решат дефицитот од врнежи – изјави Олчина.
Барајќи итна помош од Европската Унија, шпанскиот министер за земјоделство Луис Планас предупредува дека „оваа суша е од такви размери што нејзините последици не можат да се решат само со национални средства“.

Најлоша суша во последните неколку децении

Јужна Европа не е единствената што оваа година страда од сериозен недостиг од вода. Рогот на Африка минува низ најлошата суша во последните децении, додека историската суша во Аргентина ги уништи посевите на соја и пченка.
Почестите и тешки суши во Медитеранскиот Регион – каде што просечната температура сега е 1,5 степен повисока од пред 150 години – се во согласност со предвидувањата на научниците дека климатските промени ќе влијаат на регионот.
И покрај овие долгорочни прогнози, подготовките доцнат. Многу земјоделски региони допрва треба да усвојат методи за заштеда на вода, како што е прецизното наводнување, или да се префрлат на култури потолерантни на суша, како што е сончогледот.
– Владите доцнат. Компаниите доцнат – рече Роберт Вотар, климатолог и директор на францускиот институт „Пјер-Симон Лаплас“.
Некои компании не ни помислуваат да го променат моделот на потрошувачка, туку само се обидуваат да најдат некои чудесни технологии што ќе донесат вода.

Предизвикани колосални загуби

Франција излегува од својата најсушна зима од 1959 година. Со предупредувањата за суша веќе се активирани четири департмани, ограничувајќи ја неприоритетната употреба на вода – вклучувајќи и за земјоделството.
Португалија исто така доживува порано доаѓање на суша. Околу 90 отсто од територијата страда од суша, а силната суша зафати една петтина од земјата – речиси пет пати повеќе од површината забележана една година порано.
Во Шпанија, која забележа помалку од половина од просечните врнежи до април оваа година, илјадници луѓе се потпираат на вода за пиење од цистерни, додека регионите како Каталонија воведоа ограничувања за вода. Некои земјоделци веќе пријавиле загуби на земјоделски култури до 80 отсто. Меѓу погодените култури се житарките и маслодајните култури.
– Ова е најголемата загуба на жетвата во последните неколку децении. Ситуацијата е уште полоша од минатата година – изјави еден од тамошните најголеми земјоделски производители за ситуацијата во Шпанија.
Со своите акумулации со просечен капацитет од 50 отсто, земјата одвои повеќе од две милијарди евра минатата недела за финансирање одговор на вонредни ситуации. Таа сѐ уште го чека одговорот од Европската комисија на барањето за користење на кризниот фонд од 450 милиони евра од буџетот на ЕУ за земјоделски субвенции. Комисијата соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата.

Двоен аларм: По сушата, катастрофална поплава

– Силната суша во Јужна Европа предизвикува особена загриженост, не само за тамошните земјоделци туку и затоа што може да ги зголеми и онака многу високите потрошувачки цени – изјави портпаролката на комисијата.
Слични проблеми може да се појават и во Италија, каде што до 80 отсто од снабдувањето со вода оди за земјоделството. Со годинашната тенка снежна покривка и ниската влажност на почвата, италијанските земјоделци планираат да ја намалат површината за сеидба за 6 отсто во однос на лани.
По две години недостиг од вода, делови од северна Италија влегоа во мај со 70 отсто дефицит од резервите на снежна вода и 40 отсто дефицит од влага во почвата. Со вака исушена почва, дождот не се апсорбира, што има катастрофални последици. Властите во Италија објавија дека повеќе од 10 лица загинале во поплавите во италијанската област Емилија Ромања.