Разгранок на италијанската криминална организација „Ндрангета“, која главно била посветена на меѓународна трговија со дрога од Јужна Америка до Европа, како и Австралија, бил цел на успешна оперативна акција од страна на италијанската, белгиската и германската полиција, во координација на Европол. Здружените полициски сили откриле дека мрежата работи и во партнерство со колумбиската организирана криминална група „Голф клан“, која дејствувала во Еквадор и повеќе европски земји. Понатаму, клановите на „Ндрангета“ биле вклучени во меѓународна трговија со огнено оружје од Пакистан до Јужна Америка, обезбедувајќи оружје за озлогласената криминална група „Премиер командо да капитал“ (ПКК) во замена за пратки кокаин

ГОЛЕМА КООРДИНИРАНА ПОЛИЦИСКА
АКЦИЈА НА ДЕСЕТ ЗЕМЈИ

Во една од најголемите акции против членовите на мафијашката организација „Ндрангета“, реализирана од страна на италијанската, белгиската и германската полиција, а во координација на Европол, беа уапсени повеќе од 132 члена, нанесувајќи му сериозен удар на италијанскиот организиран криминал.

ТРИ ИЛЈАДИ ПОЛИЦАЈЦИ ВО АКЦИЈАТА

Дури 132 члена на една од најголемите светски криминални мрежи беа приведени, а полициските власти упаднаа во неколку компании каде што „Ндрангета“ работела нелегално. Повеќе од 2.770 полициски службеници биле на терен за време на акцијата, која се реализирала месецов.
Евроџаст и Европол исто така ја поддржаа акцијата против „Ндрангета“, со што оваа акција стана еден од најголемите удари на италијанскиот криминален клан, кој е одговорен за европскиот шверц на кокаин, системско перење пари, поткуп и насилство.
Криминалната мрежа што била под истрага била предводена од страна на неколку моќни семејства, лоцирани во градот Сан Лука, во италијанската провинција Калабрија. Некои од овие семејства со години биле инволвирани во насилствата во Сан Лука, кои кулминираа со масовни престрелки во Италија и други земји, како што беше масакрот во Дуизбург, во Германија, во 2007 година.
Членовите на криминалната мрежа биле ангажирани во криминален заговор не само со тоа што биле дел од мафијашката организација туку и со тоа што биле одговорни за трговија со дрога, трговија со огнено оружје, нелегално поседување огнено оружје, перење пари, лажна регистрација на имот, даночна измама и даночно затајување, како и помагање и поттикнување на бегалци од законот (кои во меѓувреме се уапсени). Двајца од тие бегалци биле на листата на најбарани на ЕУ.

СПИСОК НА КРИМИНАЛНИТЕ АКТИВНОСТИ

Италијанската криминална мрежа главно била посветена на меѓународната трговија со дрога од Јужна Америка до Европа, како и Австралија. Властите открија дека мрежата работи во партнерство со колумбиската организирана криминална група „Голф клан“, која дејствувала во Еквадор и повеќе европски земји. Понатаму, клановите на „Ндрангета“ биле вклучени во меѓународна трговија со огнено оружје од Пакистан до Јужна Америка, обезбедувајќи оружје за озлогласената криминална група „Премиер командо да капитал“ (ПКК) во замена за пратки кокаин.
Истражителите го следеле протокот на пари во обемниот глобален систем за перење пари, со огромни инвестиции во Белгија, Германија, Италија, Португалија, Аргентина, Уругвај и Бразил. Криминалната група го инвестирала својот профит во недвижен имот, ресторани, хотели, компании за миење автомобили, супермаркети и други комерцијални активности. Со цел да платат за кокаин или да пренесат недозволени средства, криминалците често се потпирале на олеснувачи, кои го користеле системот „Хавала“.

ЛИШЕН ОД СЛОБОДА И ЕДЕН ОД ВОДАЧИТЕ НА „НДРАНГЕТА“

Пред неколку дена, во катедрала во Џенова, беше уапсен водачот на „Ндрангета“, Пасквале Бонавота (49). Тој со себе имал лажни лични документи. Бонавота се бараше од 2018 година, откако избегна апсење по потерница за убиство и мафијашко здружување.
Пасквале Бонавота е на чело на најмоќното италијанско мафијашко семејство, за кое се верува дека контролира 80 отсто од нелегалниот пазар на кокаин во Европа.
Тој е еден од обвинетите во актуелната голема судска постапка во која околу 300 лица се осомничени за дела поврзани со организиран криминал.
Бонавота е опишан како водач што „ги носи најважните одлуки“ заедно со другите шефови на „Ндрангета“ и се грижи за интересите на оваа мафијашка организација во областа Рим, како што се коцкањето и трговијата со дрога.