Фото: ЕПА

Германија во наредните децении ќе има на располагање многу помалку работници од потребните. Процените на Институтот за истражување на пазарот и професиите (ИАБ) се дека потенцијалот на работната сила во овој период ќе се намали за 11,7 проценти, земајќи предвид и фактори како демографски промени, наталитет, имиграција и емиграција. Бројот на луѓе на располагање на германскиот пазар на трудот, според прогнозата на експертите, до 2060 година веројатно ќе се намали од 45,7 на 40,4 милиони.
– Резултатите покажуваат дека претпријатијата ќе имаат многу помалку работници на располагање во наредните децении – вели економистот Енцо Вебер од Институтот за пазар на трудот и професиите.
Институтот предупреди дека ако не се преземат контрамерки, ќе дојде до пад на потенцијалната работна сила од седум милиони луѓе.
– Третите земји стануваат сѐ поважни за ЕУ кога станува збор за миграцијата на работната сила. Затоа пречките мора да се отстранат дополнително, но истовремено мора да се направи нешто повеќе за да се осигури мигрантите да стекнат упориште на пазарот на трудот и долгорочно да пронајдат перспектива во Германија – вели Вебер.
Според студијата, имиграцијата од земјите од ЕУ, како Полска или Романија, значително ќе се намали со досегашните напори. Додека во Германија во последните десет години во просек доаѓале 900.000 луѓе од земји од ЕУ, во 2060 година ќе бидат само 600.000. Наспроти тоа, имиграцијата од трети земји ќе се зголеми од 240.000 на 500.000 луѓе. Прогноза е дека во 2060 година во Германија ќе живеат само 72,6 милиони луѓе, што е околу десет милиони помалку отколку денес. Во прв ред веројатно нагло ќе падне имиграцијата од други земји од ЕУ, зашто животните услови таму се подобруваат, а демографската ситуација понекогаш е дури и понеповолна отколку во Германија, пишува Дојче веле.