Во Основниот суд во Тетово денес треба да бидат изречени пресудите за обвинетите во судскиот процес за пожарот во модуларната болница што се случи на 8 септември 2021 година, кога животите ги загубија 14 луѓе. На 29 мај беа искажани завршните зборови на Обвинителство и адвокатите на обвинетите по што судијата Јордан Велковски истакна дека заврши главната расправа и дека пресудата ќе ја соопшти денеска во 12 часот.
Поранешните директори на Клиничка болница Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми се обвинети за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.
Обвинетите на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но дека не чувствуваат вина. Судењето започна во декември 2022 година.
И за денеска е најавена мирен протест за поддршка и барање за ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски од група граѓани кои се организираат преку социјалните мрежи.
На завршните зборови адвокатите на обвинетите истакнаа дека Обвинителството не ја докажало вината. Претставниците на Обвинителството, пак посочија дека со изведените докази и искажани сведочења обвинетите ги сториле кривичните дела и побара судот да ги огласи за виновни.