Фото: Макфакс

Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, се надева дека обвинителката Ивана Трајчева нема да трпи последици поради тоа што покрена случај против поранешниот генерален секретар, Драги Рашковски.

Со оглед дека Трајчева чека да види дали ќе добие нов мандат од Советот на јавни обвинители, Рускоска кажа дека таа ќе го застапува предметот против ексфункционерот, доколку Трајчева биде вратена во скопското обвинителство.

– Јас искрено се надевам дека нема да биде така – рече Рускоска на прашањето дали Трајчева ќе трпи последици поради случајот против Рашковски, па потоа прашана дали се сомнева дека сепак може да биде така, таа додаде: „не, видете. Излегоа многу шпекулации во јавноста. Не можам да бидам сигурна за мотивите и постапките на другите. Јас како обвинител сум убедена дека тоа нема да се случи“.

Рускоска тврди дека не е само Трајчева таа која добила најдобри оценки од неа, за да биде реизбрана, посочувајќи дека и другите имаат безмалку максимален број на бодови.

– Во суштина не би имала против – одговори Рускоска на прашањето дали ќе биде среќна ако се реизберат истите обвинители да гонат организиран криминал.

Прашана дали сака некој од обвинителите кои се нови конкуренти за ваква функција да биде избран во нејзиниот тим таа додаде: „законот е таков што воопшто јас како шеф на ова Обвинителство, веројатно и другите шефови на другите обвинителства немаме никаква ингеренција во изборот на јавните обвинители. Сепак, граѓаните и меѓународната јавност бара резултати од нас. Мислам дека во тој правец треба да има измени во закон. Ако некој бара резултати, тогаш би било добро самиот да го избираш тимот“.