Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одделот за сузбивање на организиран и криминал во Министерството за внатрешни работи по повеќемесечна истрага поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против 17 припадници на затворската полиција, вработени во затворот  „Идризово“, информира МВР.

За петмина од нив постои основано сомнение дека како група, со умисла, во текот на октомври минатата година сториле кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ додека еден е осомничен за помагање на кривичното дело. За 11 лица постојат основи на сомнение дека, во временскиот период од 19 до 26 октомври 2023 година, сториле продолжено кривично дело „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“.

– Ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје му предложи определување на мерката притвор за шестмината осомничени, додека за единаесетте лица за кои се води предистражна постапка предложи мерки на претпазливост – се вели во соопштението.

За овие кривични дела согласно позитивното законодавство се предвидени затворски казни од една до десет години за кривичното дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ и од три месеци до пет години за кривичното дело „противзаконито oслободување на лице лишено од слобода“.

Секторот за криминалистички истраги во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска ги приведе сите 17 осомничени и ги предаде на Основнот кривичен суд Скопје за понатамошно постапување.