Фото: ЕПА

Лажните козметички салони добиваат популарност во регионов. Имено, за минимални пари, во импровизирани услови, се прават најчестите зафати кај пациентите, како што се ставањето ботокс, филери, корекција на усни… Ризиците по здравјето и животот на клиентите се огромни, а потрагата по пониски цени на овие зафати ги турка пациентите директно во криминалните води на илегалните козметички салони, уште повеќе мотивирајќи ги наводните „козметичари“ да го работат овој нелегален бизнис

Ботокс, филери, корекција на усни… во импровизирани козметички салони од нелиценцирани козметичари

Деновиве повеќе медиуми на Балканот информираат за една појава што сѐ повеќе ги загрижува медицинските, но и криминалистичките експерти, а секако претставува аларм и за надлежните служби за спречување на даночната евазија. Но опасноста е секако најголема за младите лица, кои најчесто прибегнуваат кон козметички зафати за кои сакаат што помалку да платат… Оваа појава зема сѐ поголем замав, станува еден вид мода, при што малку кој води грижа за укажувањата од стручните лица дека се можни сериозни последици од сето тоа.
Имено, станува збор за организирана работа во импровизирани (лажни) козметички салони од страна на лажни медицински лица и нелиценцирани козметичари, кои изведуваат козметички зафати, ставаат филери, ботокси итн. Сите тие зафати се прават на црно, се реализираат за време на викендите, во станови што се изнајмуваат преку интернет. Според познавачите на овој бизнис, за време на еден викенд во нелегалните козметички салони успеваат да се реализираат козметички зафати дури и на 50 клиенти, за минимум 50 евра. Тоа значи дека месечно на овој начин се заработуваат и до 10 илјади евра. Пресметките на колегите новинари истражувачи од Загреб покажуваат дека нелегалните приходи за еден викенд достигнуваат и над 50.000 евра.
Ризиците по здравјето и животот на клиентите (најчесто млади девојки) се огромни.

Пример од Хрватска регистриран при новинарско истражување

Во несоодветни услови, без никакви медицински докази и дипломи, многу млади девојки се одлучуваат да заминат на естетска корекција во Загреб, ризикувајќи ги сопствениот живот и здравје за цена од 50 евра. Стотици девојки се одлучуваат на тој чекор, не размислувајќи за ризикот по сопственото здравје, иако навидум за нив изгледа дека овие корекции не се медицински зафат, пишува „Јутарњи лист“.
Во мали станови, без никакви лиценци, без антишок-терапии, кои секое козметичко студио мора да ги има, девојките барајќи пониски цени, седнуваат на козметичкото столче, каде што примаат непроверени ботокси, филери без никаков доказ и сертификат и, што е најиронично, од „доктори“ на кои им е сосема нормално да работат без дозвола за работа.
Овие зафати најчесто се реализираат за време на викендите, во мали изнајмени станови, каде што за еден викенд поминуваат и до стотина девојки.
„Докторките“ најчесто се од Србија, кои ги изнајмуваат становите за време на викендите и потоа мистериозно исчезнуваат. Тие не им се достапни на клиентките, кои, доколку се соочат со несакани ефекти, немаат каде да се обратат, ниту пак кој да им помогне, па се принудени да бараат помош во хрватските клиники и козметички студија.
Во овој црн бизнис се вртат големи пари, понекогаш дури се заработуваат и илјадници евра за еден викенд.

„Јутарњи лист“ открива и како функционира илегално козметичко студио

Козметички услуги нуди ординацијата „Дона“, сместена во изнајмен стан во Загреб само за време на викенд. Вообичаено, во овој импровизиран салон работат две-три девојки.
Дневната соба служи како чекалница и како подготовка за зафатот. Во неа најчесто на клиентките им се нанесуваат анестетички кремови на пределот од лицето на кој ќе се работи. Тука исто така девојките си го чекаат својот термин за да влезат.
„Докторките“ што работат таму се правдаат дека секој момент ќе добијат лиценца, во април, бидејќи се од Србија и дека ја чекаат работната дозвола. Сепак, тоа не ги спречува нелегално да заработуваат. Тие се правдаат дека мора да работат вака, бидејќи ги притискаат нивните пациенти.
Секој клиент што оди на некаков козметички зафат поминува и низ кратка едукација за докторот што ќе работи на корекцијата. Па, така, најчесто на клиентите им се кажува дека докторката работела во приватни клиники, а овој викенд-ангажман ѝ е за дополнителен хонорар.
– Докторката е многу добра, се вклопи во нашата визија и ја вработивме – вели една постара жени, која се претставува како мајка на сопственикот на наводното козметичко студио.
Таа уште ја правда одлуката докторите да бидат млади девојки, велејќи дека тие се амбициозни, многу повеќе сакаат да работат за да го докажат своето име.
Еден од клиентите го завршува третманот по 15 минути и плаќа 220 евра во кеш за три зони на ботокс. Ако претпоставиме дека сите плаќале толкав износ или барем приближен, наводната докторка заработила 50.000 евра тој викенд, без да плати данок и без да ги преземе последиците доколку на некоја девојка ѝ се случат несакани ефекти.
– Клиентите се претежно млади девојки, целосно несвесни за опасноста во која се наоѓаат и со какви последици може да се соочат. Шансата за некроза е голема… многу често реакцијата може да биде системска, многу слична на грипот: долготрајна температура, слабост, гадење. Тоа се работи што луѓето треба да ги знаат – тврди д-р Жељко Ротим, претседател на Хрватското друштво за естетска медицина. Д.Т.З.