Обвинителството минатата година го добило предметот за истрагата за проневера која е покрената против генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири и уште двајца хрватски државјани.

– Обвинителството го доби случајот во втора половина на 2021 година, а истрагата се водеше од МВР, при што надлежниот обвинител оттогаш издаде повеќе наредби за собирање докази. Вчера стигна и последното известување, по кое надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување истрага и предлог за мерка притвор за осомничените. Судот по таа мерка ќе одреди како ќе постапува понатаму – вели Рускоска за „Нова Македонија“.

Рускоска наведува дека обвинителството има информација за тоа каде се парите, додека осомничените хрватски државјани не се во Македонија, според информациите на обвинителството.

– Имаме податок за тоа каде се парите. Осомничените хрватските државјани не се наоѓаат во државава, но ќе стапиме во контакт со колегите од Хрватска, ќе ги доставиме доказите до нив, па нивното понатамошно процесуирање ќе биде во Хрватска, доколку се согласат да го преземат гонењето – посочува Рускоска.

Зекири нема стражарно да биде спроведен пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд. Тој добил писмена покана да даде исказ откако Обвинителството за организиран криминал и корупција побара притвор за Зекири и двајца хрватски државјани кои се осомничени дека со изигрување на тендерската постапка, незаконски присвоиле 145.400 евра.

Обвинителството за организиран криминал, потенцира Рускоска, цврсто стои на ставот дека секој кој направил кривичен престап, а за што постојат докази, ќе биде гонет, без разлика на неговата позиција во системот на државата.

Ценејќи дека постои реална опасност осомничените да се дадат во бегство, дотолку повеќе што двајца се странски државјани, ако се има предвид кривичното дело што им се става на товар, како и опасност доколку осомничените се бранат од слобода да ги уништат трагите или да влијаат врз потенцијалните сведоци или да го повторат делото, јавниот обвинител до Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерка притвор за тројцата осомничени

– Во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100 денари, а на штета на Буџетот на Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги, се појаснува во соопштението.