Фото: Пиксабеј

Специјална советничка на ОН и претставничка на невладина организација алармираат

Специјалната советничка на ОН за спречување геноцид, Алис Ваириму Ндериту, предупреди на негативното влијание на кризата во Украина врз другите делови на Европа и повика на „превенција во регионот на Западен Балкан“, објави Гласот на Америка.
За време на нејзините посети на регионот, специјалната советничка истакна дека многу соговорници алудирале на сериозен недостиг од доверба, недоволна посветеност на политичарите за оздравување и градење доверба, динамика на поделбите што се користи за политички цели, како и недоволен простор за работа на локалните застапници за мир.
– Во изминатите шест недели, конфликтот во Украина ја влоши оваа динамика, со говор на омраза, вклучувајќи отворено оправдување на насилството врз членовите на една национална група, повикување на религијата како оправдување за насилство или усогласување на националните аспирации со целите на завојуваните страни во украинскиот конфликт – истакна Ндериту.
Таа истакна дека „Западен Балкан останува критичен за клучните играчи чии геостратегиски интереси се среќаваат во регионот“.
Ндериту смета дека главниот извор на поделби во Западен Балкан продолжува да доаѓа однатре, а не однадвор, и затоа најсилните напори за намалување на ризикот ќе треба да дојдат и од самиот регион, а приоритет треба да бидат иницијативите за зближување на луѓето во регионот.
За поврзаноста и рефлексиите на конфликтот во Украина со Западен Балкан се зборуваше и на конференција во Белград. „Војната во Украина има трајни последици за многу процеси, вклучувајќи ја и интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија“, изјави претседателката на фондацијата БФПЕ за одговорно општество Соња Лихт, на отворање на дводневната конференција „(Погрешни) перцепции за Европската Унија на Западен Балкан“ во Белград. Таа додаде дека „очигледно шаховските фигури не се на истото место, како пред месец и пол дена“. Како што појасни Лихт, процентот на поддршка за членство во ЕУ oпаѓа во сите земји во регионот, делумно и поради постојаното поместување на временската граница за прием.
Таа укажа на неопходноста од економска интеграција на Западен Балкан и регионална соработка. Лихт изрази загриженост дека регионот, во спротивно, доколку продолжи со разлики и расправии, ќе остане периферија на ЕУ.