Илустрација / Фото: Пиксабеј

Полицијата утврдува дали во Здравствен дом – Вевчани пациентите ги лекувал вработен со лажни документи дека е лекар, кој во здравствената установа бил ангажиран од 2016 година. Овој здравствен дом дава услуги за околу 20.000 жители, а тие не се само од Вевчани и околината, туку и од охридско и струшко.
Случајот за проверка е отворен откако, како што објаснува директорот Јован Стојковски, раководството добило аларм од Лекарска комора дека е можно да се лажни документи за вработениот, кој работел како лекар.

-Полицијата ја презеде комплетната документација за осомничено лице. Таа ја проверува документација за тоа дали е лекар и се проверува дали е фалсификувана. Установата пријави по аларм на Лекарска комора. Откако ќе заврши нивната работа сигурно ќе достават информација. До тогаш не можам ништо повеќе да кажам за овој случај – вели директорот Стојковски.

Според него осомничениот бил ангажиран во 2016 година, извесен период со договор на дело, а потоа бил вработен, т.е. бил трансформиран неговиот работен однос.

-По направена контрола на континуирана медицинска едукација утврдено е дека лицето не поседува лиценца за работа издадена од Лекарска комора, по што веднаш е проследена информација до институцијата во која тоа е вработено – велат од комората.

Работел од Итната медицинска помош, како и во службата за превентива, како општ лекар.

-Вистината ќе ја открие полицијата и ќе информира за деталите – додава Стојковски.

Граѓаните во Вевчани се вознемирени поради истрагата.

-СВР Охрид презема мерки и работи по насоки на надлежното јавно обвинителство. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава, за што јавноста ќе биде навремено информирана – велат од МВР. Н.Б.З.