Фото: МИА

Основниот кривичен суд Скопје во повторената постапка врз основа на пресуда на Европскиот суд за човекови права, денеска донесе ослободителна пресуда за Љубе Бошкоски, во врска со случајот „Кампања“.

Лидерот на Обединети за Македонија и советник во Владата беше уапсен на 6 јуни 2011 година, пред ресторанот „Воденица“ во Скопје, под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања. Во 2014 тој беше осуден на пет години затвор, а во 2016 година излезе од затворот во Идризово каде ја отслужуваше казната.

– Сведоци бевте за уште една во низата ослободителни пресуди коисе донесоа. Ова ми е седма ослободителна пресуда, од двете хашки до денес. Имав неколку осудителни пресуди кои завршија како ослободителни пресуди. Од денес па натака во мојот живот сум можеби единствениот човек на балканските простории, кој помина 11 години во домашните и меѓународните затвори од секаде излегов како победник – кажа Бошкоски.

Тој беше прашан дали ќе бара парична оштета од државата.

– Времето не може никој да го врати, тоа е минато време. Ги охрабрувам македонските судови и судии при одлучувањето да ги земаат во предвид сите докази, а не да влегува политиката во судниците. Денеска бевме сведоци дека во сиот период бев изложен на полициско-политичко монтирани процеси кои завршија со победа на правдата – порача Бошкоски.

Тој останува во политиката.

– Се надевам дека уште можам да допридонесам за Македонија посебно кога знам дека зад мене немам товар кој може да ме оптеретува мене и мојата партија – додаде Бошкоски.

Европскиот суд за човекови права во 2020 година пресуди дека на Бошкоски му биле прекршени правата на фер судење во однос на повикување и испитување на сведоци.
Во 2021 година, по барање на одбраната, судењето против Љубе Бошкоски за предметот „Кампања“ беше вратено на повторно судење.

– Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по барање на одбраната на Љ.Б. претходно осуден во предметот во јавноста познат како „Кампања“, го уважи барањето за повторно судење на предметот. Претходно, за барањето за повторно судење, а согласно и пресудата на Судот за човекови права во Стразбур, добиено е позитивно милење од надлежниот јавен обвинител по што е уважено барањето, за кое странките не вложиле жалба пред Апелациониот суд и истото е веќе правосилно – соопшти Кривичниот суд своевремено.

Од страна на Специјалното обвинителство во 2017 година беше поднесено обвинение за тортура и нечовечно постапување при апсењето на Бошкоски во „Кампања“, против тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков и седуммина припадници на „алфите“ во МВР. Судењето започна на 28 февруари 2018 година, а пред самиот крај, судењето се врати од почеток поради промена на член-поротник во Судечкиот совет.

Во јули 2021, Кривичниот суд донесе ослободителна пресуда за Сашо Мијалков во предметот „Тортура“. Според Судот, обвинителството не докажало надвор од основано сомнение дека обвинетите се виновни за делот мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ.