Фото: Макфакс

Обвинетата Клементина Левковска е слаба личност, ниска по раст и со околу 40 килограми, на нозете носела патики со гумен ѓон и со ваква конституција, таа не може да нанесе повреда што ќе предизвика ротација и прекин на ‘рбетниот мозок, изјави нејзиниот бранител Бојан Василески во случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.

– Неспорно е дека истата презела дејствија против сега починатиот, но со оглед на нејзиниот физички капацитет, јасно е дека таа, без употреба на некакво опасно средство, не е во можност да го стори ова кривично дело, односно не била способна да го убие починатиот Денис Тот, дури и да го посакувала тоа – рече тој.

Според него, за да биде „исполнето битието на ова кривично дело“ треба силен и убедлив доказ, кој го сторил делото, но еднакво важно и на кој начин е тоа сторено.

– Ваквиот факт е од основна важност, односно непостоењето на силен доказ дека токму обвинетата Клементина ја нанела смртоносната повреда, ја ослободува од одговорност за кривичното дело кое ѝ се става на товар – рече тој.

Адвокатот Емил Гугутчески, исто така, се приклучи кон завршните зборови и побараа од Судот пресуда со која обвинетата ќе се ослободи од обвинение.

Претходно, ослободителна пресуда за својот клиент побара и бранителот на обвинетиот Анџело Ѓоргиевски, Иле Танев.

Обвинителката Тања Трајчевска, пак, побара осудителна пресуда за обвинетите, бидејќи според неа, од доказната постапка произлегло дека обвинетите го сториле кривичното дело на начин, време и место како што е опишано во обвинителниот акт и побара од Судот да пресуди по однос на нив, имајќи ги предвид сите олеснителни и отежителни околности.

Обвинителството ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска. Процесот продолжи со завршни зборови на одбраната на обвинетиот Андреј Костовски.