На Ива Михајлова од Кочани, обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, на 9 октомври 2025 година ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош, а ѝ биле изречени и мерки за ограничување на движењето, информираат од Јавното обвинителство, пренесе МИА.
Според Обвинителството, на Михајлова ѝ било забрането да ја преминува државната граница со лична карта и да го напушта Кочани, а имала и обврска редовно да се јавува кај службено лице.
По информациите дека таа заминала во Бугарија, преминувајќи ја границата нелегално, од Јавното обвинителство на Република Македонија посочуваат дека надлежниот јавен обвинител ги презел сите мерки што биле во негова надлежност за обезбедување на обвинетата.
Од Обвинителството додаваат дека ризикот од бегство бил една од клучните причини поради кои повеќепати дале негативно мислење во врска со барањата за враќање на патната исправа.
-На обвинетата, по предлог на јавен обвинител, уште од 9.10.2025 година ѝ беа одземени две патни исправи (македонска и бугарска), ѝ беше изречена забрана за преминување државна граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска да се јавува кај службено лице. Надлежниот јавен обвинител ги презеде сите чекори во негова надлежност за обезбедување на лицето, а ризикот од бегство беше една од клучните основи поради кои Обвинителството повеќепати даваше негативно мислење во однос на барањето за враќање на патната исправа – соопштија од Јавното обвинителство.

































