Фото: МИА

Министерството за внатрешни работи  (МВР) на својата веб-страница ја објави меѓународната потерница по поранешниот висок функционер на ДУИ, Исмет Гури, кој е во бегство. По Гури од завчера има распишано меѓународна потерница.

Гури беше во куќен притвор, по што Јавното обвинителство поднело жалба и Кривичниот совет на Основен кривичен суд Скопје донел решение за замена на куќниот притвор со активен притвор.

Гури, најпрво беше во затворски притвор, а потоа му беше одреден куќен притвор поради здравствени проблеми, откако во јули минатата година беше уапсен заедно со 15 лица, меѓу кои бизнисмени и инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП), под сомнение за злосторничко здружување и даночна измама.

Против Исмет Гури, заедно со Ејуп Алими, се водеше и случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал, во кој Судот по повтореното судење минатата година им изрече неправосилни затворски казни од по три години и шест месеци.

Обвинението за „Титаник 3“ беше отворено во 2017 година од поранешното СЈО. Тие се товареа за делото уништување изборен материјал, односно дека на локалните избори во 2013 година менувале дел од записниците за гласањето во Чаир. Гури беше истакнат активист на ДУИ, а по одделувањето на Изет Меџити се придружи на Демократско движење.