Сè повеќе има истражувања, а и основани индикатори, што укажуваат дека социјалните мрежи имаат силно влијание врз менталното здравје на децата. Тие се квалификувани како небезбеден извор на информации. За непознатите „лица од другата страна на екранот“, со кои си разговараат и четуваат со денови, па и месеци, се остава простор за потенцијалните сторители или повратници на сторени кривични дела да имаат можност подобро да ги запознаат своите жртви и да добијат пристап до што поголем број лични податоци. Негативните последици од социјалните мрежи се силен алармантен тригер во нашето општество, затоа што не секогаш станува збор за сексуална последица туку имаме и голем број дојави за интернет злоупотреба и сајбер-булинг…

За пет години, 28 малолетници биле сексуално злоупотребени со посредство на социјалните мрежи

За штетноста и огромниот ризик што ги носи користењето на популарните социјални мрежи, како Фејсбук, Тикток и другите интерактивни мрежи и апликации, „Нова Македонија“ пишуваше и апелираше во повеќе наврати.
Фактот што пред очите на сите се одвиваше случајот „Јавна соба“, во кој некои од жртвите чии фотографии се споделуваа беа малолетни, јасно става до знаење дека состојбата во нашата земја воопшто не е розова, како што многумина сакаат да веруваат.

РАСТЕ БРОЈОТ НА СЕКСУАЛНО ЗЛОУПОТРЕБЕНИ ДЕЦА

Случајот со хрватското момче што успеало со користење на социјални мрежи сексуално да злоупотреби триесет и едно малолетно девојче, неминовно, ја наметна темата за тоа каква е состојбата во нашето општество.
За жал, кај нас најголем проблем е фактот што малолетните жртви на сексуално насилство не се охрабруваат да пријават, па траумите ги носат доживотно сокриени во себе.
Како што велат од првата детска амбасада „Меѓаши“, сексуалната злоупотреба на децата е најтешка злоупотреба, едно од најтрауматичните прекршувања на детските права.
– Сè повеќе социјалните мрежи имаат влијание врз менталното здравје на децата, како небезбеден извор на информации за лицата од другата страна на екранот, со кои разговараат и четуваат со денови, па и месеци. Па, оттука, се остава простор за сторителите на вакви дела да имаат можност подобро да ги запознаат своите потенцијални жртви и да добијат пристап до што поголем број лични податоци. Градењето свест за негативните последици од социјалните мрежи е силен алармантен тригер во нашето општество, затоа што не секогаш станува збор за сексуална последица туку имаме и голем број дојави за интернет-злоупотреба и сајбер-булинг – потенцираат од амбасадата.
Оттаму велат дека вкупниот број дојави на „Ало, Бушавко“, телефонот за деца и млади, во последниве три години се зголемува секоја наредна година, во споредба со претходната.
– Што се однесува до пријавите поврзани со сексуална злоупотреба и насилство врз децата и слично, податоците за оваа патологија во изминатите пет години се: во 2018-та еден случај на сексуална злоупотреба на дете од страна на близок и еден случај љубовна врска на дете и возрасен; во 2019-та нема дојави за оваа проблематика; во 2020-та сексуална злоупотреба преку интернет − четири случаи, сексуално насилство – 13 случаи; и во 2021-та сексуално насилство осум случаи; за 2022 година досега имаме една пријава, за сексуална злоупотреба врз малолетник од страна на тогашен малолетник, кој е осомничен за обљуба. Во овие пет години имаме добиено вкупно 28 дојави. Тоа не значи дека ова е вкупниот број на вакви случаи во Македонија туку дека толку се охрабриле да го пријават случајот – информираат од „Меѓаши“.
Оттаму додаваат дека изминатите години постојано апелирале до јавноста и институциите дека за да се заштитат децата жртви на сексуална злоупотреба, треба да се отвори национална СОС-линија, која ќе работи 24 часа.
– Токму затоа „Ало, Бушавко“, телефонот за деца и млади 070 390 632, веќе втора година работи со 24/7 поддршка и е достапен за децата да пријават насилство и од ваков тип, па, следствено на тоа, во соработка со институциите навремено да се реагира. Притоа, „Меѓаши“ има креирано водич за родители и наставници за заштита на децата од сексуална злоупотреба, кој е достапен онлајн и може да се искористи во рамките на образовниот процес или родителствувањето – велат тие.

НЕ Е ДОВОЛНА САМО ВЕРБАЛНА ОСУДА НА СТОРИТЕЛИТЕ

Од првата детска амбасада велат дека не се доволни само осуда, загриженост и револт на државните институции туку конечно треба работа на сите одговорни, родителите, институциите, вклучувајќи ги и педагошко-психолошките служби, не само за превенција туку и за охрабрување децата да го пријавуваат злоупотребувачот (кој понекогаш е и од женски род). Самиот чин, како што велат оттаму, е застрашувачки, трагичен и трауматичен за децата жртви.
– Страв, вознемиреност, чувство на вина и срам, посттрауматски стрес, нарушено ментално здравје се само некои од, ако можеме да кажеме, заедничките последици за сите жртви. Особено акцентот на етикетата која се лепи по настанот врз децата жртви, проследено со осудувања и обвинување од страна на општеството, наместо чувство на емпатија и поддршка, е момент на кој треба да се работи. Апелираме до родителите, институциите на системот, медиумите… да бидат внимателни кога децата се жртви на сексуална злоупотреба. Да потсетиме дека ако постапката кај надлежните институции е несоодветно и непрофесионално изведена, претставува повторување на насилството, така што освен преживеаното сексуално насилство, детето трпи психичко насилство и од самата институција, односно од одделни стручни лица вклучени во постапката – нагласуваат од детската амбасада.
Според нив, досегашната практика покажува дека сторителите на вакви дела, и по одлежувањето на казната, најчесто го повторуваат истото дело.
– Оттука, ние како прва детска амбасада во светот „Меѓаши“ сметаме дека треба да бидат досудувани максимални казни – доживотна казна затвор за сторителите на ваквите кривични дела (родосквернавење, извршување дело на особено грозоморен начин или доколку сторителот на делото е рецидивист), за намалување и спречување од повторна злоупотреба. Сепак, зголемен број кривични дела може да биде резултат на повеќе различни причини, како девијација и отсуство на родителска грижа или поддршка, достапност на експлицитни компромитирачки содржини, прерано стапување во сексуални односи, недоволно сексуално образование и недоволна едукација за превенција од сексуални предатори (како децата да препознаат несоодветно однесување и допир на возрасни, како да реагираат, каде да пријават и како да постапат во таква ситуација).


Преку социјални мрежи успеал сексуално да малтретира 31 малолетник

Децата се најголеми жртви на неконтролираното користење на социјалните мрежи, односно на користењето на овие алатки на денешницата, без родителски надзор. Доказ за тоа е неодамнешниот случај во Хрватска, во кој загрепската полиција уапси 21-годишен маж под сомнение дека преку социјалните мрежи извршил 56 кривични дела на штета на сексуалната слобода на 31 малолетничка, меѓу кои и подведување и силување деца и нивно искористување за порнографија.
Хрватската полиција во понеделникот соопшти дека во текот на септември и октомври, во соработка со колегите од Вараждин и загрепското државно обвинителство, спровела оперативна акција насловена „Немезис VII“, со која било утврдено дека 21-годишникот извршил 56 кривични дела на штета на сексуалната слобода.
Тој се сомничи дека со користење социјални мрежи и апликации за споделување содржини извршил кривични дела подведување дете, силување, сексуална злоупотреба на дете што не наполнило 15 години, експлоатација на деца за порнографија, проституција, закани, воведување деца во порнографија и привлекување на децата да ги задоволат нивните сексуални потреби.
Полицијата го товари момчето дека горенаведените кривични дела ги сторил на штета на 31 малолетно лице и четири полнолетни женски лица, а сторил и едно кривично дело неовластено користење лични податоци на штета на полнолетно машко лице.
Минатиот четврток, 21-годишникот им беше предаден на затворските служби, а по предлог на загрепското обвинителство, истражниот судија на Жупанискиот суд во Загреб му одреди едномесечен истражен притвор.
Хрватската полиција апелира до младите и до нивните родители многу внимателно да ги користат социјалните мрежи. Наедно, тие предупредуваат на ризиците и можните злоупотреби при користењето на социјалните мрежи и апликациите за споделување содржини и ги поттикнуваа децата да пријават каква било форма на злоупотреба или обиди за експлицитно сексуално однесување на интернет.