Вкупната должина на носачот на авиони „УСС Џорџ Х.В. Буш“ е 333 метри и има зафатнина од над 100.000 тони. Неговата максимална брзина надминува 30 јазли, а се напојува од два нуклеарни реактори. Може да плови повеќе од 20 години без полнење гориво. Капацитетот на бродот е 3.532 члена на екипажот и може да носи 90 авиони и хеликоптери. Бродот е изграден во 2009 година, а трошоците за изградбата биле 6,2 милијарди долари

Присуствувавме на спектакуларното впловување на еден од најголемите и најмоќни воени бродови во светот „Џорџ Буш“ во Сплит

Доаѓањето на еден од најголемите и најмоќни воени бродови во светот „Џорџ Буш“ во Сплит не само што го разбранува Јадранот туку ги раздвижи граѓаните, кои со нескриена љубопитност од безбедна далечина можат да го гледаат закотвен во Брачкиот Канал, каде што ќе остане до вторник, 8 ноември.

Сплит има историја во своето крајбрежје да прима носачи на авиони

Посетата на огромниот брод на нуклеарен погон на Хрватска ги врати сеќавањата кај малкумина живи сведоци, но затоа, пак, ги подотвори старите архиви во кои е опишано првото впловување на американски носач на авиони кај Сплит, кое се случи во септември 1952 година. Интересен и своевиден куриозитет за тој настан е дека американски морнари не само што пристигнаа во комунистичка Југославија туку му приредија специјален пречек на тогашниот претседател Јосип Броз-Тито, впишувајќи го името „ТИТО“ со нивните авиони во почесен лет над сплитскиот акваториум.
Но сега се нови времиња и овој пат во Сплит пристигна „Џорџ Буш“, своевидно чудо на нуклеарен погон, кој е еден од најновите американски носачи на авиони, а инаку ѝ припаѓа на класата „Нимиц“. Годинава ова е второ пристигнување на американски носач на авиони од класата „Нимиц“ на нуклеарен погон во Сплит. За потсетување, во февруари носачот на авиони „Хари С. Труман“ беше во Далмација.
Што се однесува до овој носач на авиони, од официјалните податоци може да се види дека „УСС Џорџ Х.В. Буш“ дојде во Сплит по завршувањето на големата воена вежба „Нептунов удар 2022“ на НАТО, која се одржуваше во Средоземно Море до 28 октомври.

„УСС Џорџ Х.В. Буш“ може да плови повеќе од 20 години без полнење гориво

Вкупната должина на носачот на авиони „УСС Џорџ Х.В. Буш“ е 333 метри и има зафатнина од над 100.000 тони. Неговата максимална брзина надминува 30 јазли, а се напојува од два нуклеарни реактори. Може да плови повеќе од 20 години без полнење гориво. Капацитетот на бродот е 3.532 члена на екипажот и може да носи 90 авиони и хеликоптери. Бродот е изграден во 2009 година, а трошоците за изградбата биле 6,2 милијарди долари. „УСС Џорџ Х.В. Буш“ ја предводеше големата воена вежба на НАТО, наречена „Нептунов удар 2022“, во која учествуваа повеќе од 80 авиони, 14 брода и околу 6.000 лица персонал од 24 сојузници и партнери на НАТО, вклучувајќи ги и Финска и Шведска. По вежбата, носачот впловил во сплитскиот акваториум, на краток одмор за екипажот. Имено, три четвртини од членовите на екипажот се помлади од 25 години, а повеќето од нив првпат пловат преку океанот.
По повод пристигнувањето на американскиот носач на авиони во хрватскиот акваториум, Амбасадата на САД во Загреб лиферува и официјално соопштение.
„Посетата на пристаништето дава можност за дополнително зајакнување на силното американско-хрватско партнерство на двете нации во напорите да се создаде силна, безбедна и просперитетна Европа, а исто така ќе им овозможи на морнарите од носачот да ја искусат хрватската култура“.
И контраадмиралот Денис Велез, командант на борбената група што ја предводи носачот, даде кратка изјава во јавноста, за зголемената ефикасност од високиот степен на заемната операбилност на членките на НАТО, односно конкретно на САД и Хрватска.
– Нашата способност да ја одвратиме агресијата и да ја браниме Алијансата е посилна кога работиме заедно со нашите сојузници и партнери, како Хрватска.
Според информациите што ги добивме, контраадмиралот Денис Велез веќе бил во Дубровник во воените години, во 1994 година.

Хрватското знаме беше развиорено на врвот на носачот на авиони

Носачот на авиони го посетија хрватскиот вицепремиер, министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ, како и градоначалникот на Сплит, Ивица Пуљак, потоа началникот на сплитско-далматинската полиција Слободан Марендиќ, повеќе пратеници, како и голем број други гости од Хрватска. Според соговорниците, церемонијата на приемот на гостите на палубата беше планирана до најситен детаљ. Церемонијата опфати и свечено сечење на двометарска торта со симболите на Хрватска и Соединетите Американски Држави. Според некои од посетителите на носачот на авиони, бродските готвачи работеле на приготвување на тортата цели два дена. На церемонијата свое обраќање имаше хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ, кој рече дека доаѓањето на овој носач е уште една силна порака дека Америка и Хрватска се заедно, порака за мир и стабилност, за демократија против автократија и дека суштината на тоа единство е во народот.
Силата и заедништвото беа клучни зборови и во изјавата на Марк Флеминг, вршител на должноста на американската амбасада во Хрватска, кој додаде дека морнарите и екипажот коментирале дека Сплит е нивниот омилен град.
Како куриозитет ја издвојуваме информацијата дека петдневен одмор доби еден од офицерите од носачот на авиони, кој три месеци немал стапнато на копно. Него го пречека неговата сопруга, која специјално за таа пригода авионски долета од Сан Диего до Сплит.

Ангел Митревски, наш дописник од Хрватска