Министерство за внатрешни работи соопшти дека е поднесена кривична пријава против четири малолетнички поради насилство врз 13-годишно девојче во скопската населба Ѓорче Петров.
Како што информираат од МВР, станува збор за една 17-годишна и три 14-годишни девојчиња, сите од Скопје, кои се осомничени за сторени две кривични дела „насилство“ согласно член 386 од Кривичниот законик.
Според пријавата, во два одделни случаи, на 27 и 30 март 2026 година, тие физички ја нападнале жртвата, а снимки и фотографии од настаните биле објавени на социјални мрежи.
Кривичната пријава е поднесена до Основно јавно обвинителство Скопје, каде што постапката се води согласно Законот за правда за децата.
Од МВР најавија дека во текот на утрешниот ден ќе бидат поднесени кривични пријави и против родителите на инволвираните малолетнички.



































