Македонската полиција активна во заедничка меѓународна полициска операција

Македонската полиција викендов успешно реализира заедничка операција на недозволена трговија со кокаин, при што во Солун се запленети 161 килограм кокаин. Во заедничката операција беше активно вклучена Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција, во соработка и со заедничка меѓународна истрага со Службата за борба против дрога од Солун, Република Грција, Американската служба за борба против дрога (ДЕА), како и Центарот за спроведување на законот во Југоисточна Европа (СЕЛЕК).

Од МВР посочуваат дека оваа заедничка операција е продолжение на успешната акција од 8.5 и 9.5.2023 година кога во Солун беа запленети 105 кг кокаин и беа лишени од слобода 10 лица во Грција, и тоа седум лица државјани на Грција и три лица државјани на Албанија, додека во Македонија беа лишени од слобода четири лица, наши државјани, кои во моментот се притворени и се наоѓаат во истражниот затвор во Скопје.

Најновата операција е резултат на продолжување на истрагата во двете земји и меѓусебната размена на сите информации поврзани со членовите на меѓународната криминална група, при што било утврдено дека веќе лишените лица нарачале и организирале и второ ново количество кокаин од Еквадор. Во соработка со Службата за дрога од Солун беа утврдени контејнерите, по што по нивното пристигнување на пристаништето во Солун тие беа предмет на контрола.

На 2.6.2023 полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, Единица за недозволена трговија со дрога, заедно со грчките колеги на пристаништето во Солун презедоа заеднички активности за откривање и вадење кокаин во количество од 100 пакувања, односно во секој контејнер биле пронајдени по 50 пакувања со кокаин, со вкупна тежина од 161 килограм. Притоа, кокаинот бил пронајден во специјално направени бункери во шините од подот на двата контејнера.

Како што се наведува во соопштението од МВР, Одделот за крим-полиција ќе достави известување до ОЈО за ГОКК.
Р.Н.М.