Фото: Принтскрин
Некои (пре)пораки од „Македонскиот енергетски форум 2023“

Во еден од повпечатливите настапи на учесниците на „Македонскиот енергетски форум 2023“, американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, оцени дека Европа и Македонија се на крстосницата на неколку горки енергетски прашања. Таа подвлече едно суштинско прашање за енергетската независност на земјава и додаде дека енергетската криза поттикната од руско-украинскиот воен судир потенцирала колку е важна енергетската независност, особено во државава!

Македонија да ги развива сопствените енергетски ресурси, да дејствува на диверзификација на енергетските ресурси, да ја развива зелената енергетска транзиција како алатка во справувањето со климатските проблеми, но исто така и да се следат промените во енергетиката, се пораките што беа упатени од минатонеделното шесто издание на „Македонскиот енергетски форум 2023“, кој се одржа во Скопје. На дводневните панел-дискусии учествуваа претставници од дипломатскиот кор и од невладиниот сектор, МАНУ, претставници на законодавната власт, проектната единица на Министерството за финансии и други претставници.

Енергетските реформи да бидат приоритет

Од учесниците во панел-дискусиите беше потврдена поддршката од Европската Унија во спроведувањето на енергетските реформи и за забрзување на енергетската независност, вклучувајќи и енергетска транзиција во Македонија. Заменик-амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Џулијан Васало, потсети на препораката дека сите држави од Западен Балкан треба да ги завршат реформите во енергетиката.
– ЕУ исплати 72 милиони евра и е ваш сигурен партнер за забрзување на енергетската транзиција, но Владата треба да го забрза процесот на реформи и да обезбеди проекти со јасна методологија и критериуми во кои ќе биде утврден приоритетот на инвестициите – истакна Васало.

Зборувајќи за конкретни активности, тој сепак потенцира дека во Кичево и во Битола треба да се напушти користењето на јагленот, но истовремено треба, како што нагласи, да се обезбедат и извори на приход за оние што работат во секторот. Но како што беше конкретен во инструкцијата дека треба да се напуштат традиционалните базични енергетски ресурси, не беше конкретен во идеите за нови и ефикасни предлози при инверзијата на старите за нови, без да се направи енергетски дефицит и вакуум.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи истакна дека регионалната конкурентност и поврзаност се клучни за развој на регионот, во поширока смисла на зборот.
– Во последните пет години, засилено се работи и на енергетско поврзување преку изградба на интерконекторот со Албанија, со кој ќе се комплетира коридорот 8 за пренос на електрична енергија Исток – Запад, помеѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија. Дополнително, државата будно ги следи трендовите во изградба на фотоволтаични централи, кои земаат голем замав не само во нашата земја туку и во соседството и нашиот систем-оператор МЕПСО работи на зголемување и на капацитетот за пренос на електрична енергија по коридорот 10, преку зголемување на капацитетот на интерконекторот Битола – Лерин, кој треба да биде удвоен во наредните неколку години – кажа Битиќи.

Според вицепремиерот, Владата на Македонија работи и на диверзификација на снабдувањето со природен гас, преку градење интерконектор со Грција.

Пендаровски: Неопходност од што повеќе домашни извори на енергија

– Мора да се работи на тоа да имаме што повеќе домашни извори на енергија со оглед дека сме сѐ уште увозно зависна држава, а преку регионалните иницијативи да влегуваме на пошироките енергетски пазари – порача денеска претседателот Стево Пендаровски на „Македонскиот енергетски форум 2023“ (МЕФ).

Како што посочи Пендаровски, глобалните состојби многу малку зависат од малите држави и тие можат да ги проектираат својот интерес и влијание надвор од своите граници само преку меѓународните организации во кои членуваат или би требало да членуваат.
– Неизбежно е да бараме што е можно побргу практично да ги уживаме привилегиите на заедничкиот европски енергетски пазар – рече Пендаровски, посочувајќи дека во услови на кризи многу е важно Брисел да се однесува кон нас како да сме де факто членки на ЕУ.

Порака за потребата од што поголем степен од енергетска независност, како и диверзификација на енергетските ресурси упати и американската амбасадорка во државава Анџела Агелер. Таа оцени дека Европа и Македонија се на крстосницата на неколку горки енергетски прашања, при што потенцираше дека енергетската криза поттикната од руско-украинскиот воен судир потенцирала колку е важна енергетската независност, особено во државава.

Директорот за Западен Балкан на фондацијата „Отворено општество“, Анди Добуши, исто така потенцираше дека Западен Балкан е на крстосницата на енергетската диверзификација и еколошката одржливост.
– Благословени сме со огромни природни ресурси од обновливи извори. Овој пат налага не само природни ресурси туку и визија и иновации и, пред сѐ, колективна одговорност за сите вклучени чинители. Транзицијата кон зелената енергија е можност да сковаме нови сојузи за економски одржлив развој – рече Добуши.

Министерот за економија Крешник Бектеши на панелот „Политики и технологии кон декарбонизација“ го истакна фактот дека само во последните години имаме инсталиран капацитет од обновливи извори на енергија од фотонапонски централи од 110 мегавати, што е за речиси 100 отсто повеќе, споредено со тоа што е направено од осамостојувањето на земјата.
– По барање на стопанските комори се размислува на опцијата производството на електрична енергија од обновливи извори од приватни инвеститори да биде откупено од државната компанија ЕСМ, со цел да се зачуваат хидропотенцијалот и другите извори за обезбедување енергија, како што се термоцентрали. Така ќе бидеме подготвени за следната зима и во наредниот период, што е во согласност со нашата стратегија за развој на енергетиката – кажа министерот Бектеши.

Министерот најави дека Македонија работи на реализација на проект за инвестиција во изградба на гасна централа од 600 до 800 мегавати, која, според првичниот план, би се градела во нашата земја, но во чија изградба би учествувале со дел од инвестицијата сите земји во регионот.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, истакна дека во согласност со заложбите на државно ниво, кои ја следат Енергетската транзиција во Европа, единиците на локалната самоуправа имаат значајна улога во овој процес.
– Општина Битола во последните години на изразена енергетска криза работи на повеќе проекти што овозможуваат енергетска ефикасност и заштита на животна средина од повеќе аспекти. Се работи на јавните објекти, особено на училиштата и градинките, каде што се чувствува најголема потреба од енергетска ефикасност, и на јавните претпријатија. Општината работи на издигнување на јавната свест за зачувување на енергија, го потпомага бизнис-секторот, а со одредени субвенции стимулира подобрување на енергетската ефикасност – изјави Коњановски. М.Ј.