Активности на македонските здруженија во Европа

Во организација на друштвото „Македонија“ од Ешалан, Швајцарија, на 10 јуни ќе се одржи манифестацијата „Македонски ден во Ешалон“. Како што истакнуваат вредните организатори, овој значаен настан за нив и за нашите сонародници што живеат во овој дел на Швајцарија има цел да ги претстави македонската култура и традиција на Македонците што живеат во оваа земја, а особено го потенцираат фактот дека манифестацијата е помогната и поддржана од Општина Ешалан.

Според најавата за манифестацијата, во програмата е предвидено претставување македонски производи, презентирање традиционална македонска храна, изложба на селска одаја, како и изложба на фотографии и слики од Македонија од авторката Гонца Перунковска. За посетителите ќе биде организирана и интересна импровизација – имитација на македонска свадба, со цел Македонците да се потсетат како изгледал овој свечен чин во стариот крај, а Швајцарците да се запознаат со дел од нашата традиција.

Павле Велков, член на друштвото „Македонија“, вели дека манифестацијата има особено значење бидејќи преку неа ќе бидат претставени македонската култура и традиција. Од уште поголема важност е фактот што за првпат во Швајцарија некој македонски клуб или добротворно друштво има дозвола од некоја општина да ги афирмира сопствените културни особености. Манифестацијата се организира во голема соработка со Општина Ешалан, вели Павле Велков.

Меѓу гостите на манифестацијата ќе бидат и претставници на македонската амбасада во Берн, како и градоначалници на повеќе македонски градови: Ѓорѓе Божинов, Славе Андонов, Ристо Манчев, Димче Атанасовски и Максим Димитриевски.

Од друштвото „Македонија“ соопштија дека „Македонски ден“, како идеја, ги поврзува сите Македонци, без разлика каде живеат, со традицијата, културата и музиката, а со манифестацијата на Македонецот во дијаспората му се доближува татковината – Македонија.
– Оваа манифестација има една, единствена цел – да се доближи македонското до Македонците во дијаспората. Да ја донесеме Македонија во маалото на иселениците, да направиме успешна промоција на Македонија на овие простори од Швајцарија – соопштува друштвото „Македонија“.


Друштвото „Македонија“ од Ешалан постои повеќе од три децении

Друштвото е создадено во 1989 година под името југословенско македонско друштво „Илинден“ од Ешалан. По осамостојувањето на Македонија, македонскиот народ имаше потреба од самоорганизираност и така низ цела Швајцарија се формираа македонски друштва, а споменатото друштво го променило името во МДД „Македонија“ со цел да се промовира името Македонија.
Седиштето на друштвото се наоѓа во Ешалан, гратче што е лоцирано во западна Швајцарија, или попрецизно, северно од Лозана, во котлина на 670 метри надморска височина. Во споменатата општина живеат околу 600 граѓани од македонско потекло. Уште од самиот почеток на основањето на друштвото, желбата на македонскиот народ за обединување на овие простори била многу голема, па така, и бројот на членовите бил исклучително голем. Како едно од првоформираните друштва во Швајцарија силно е водено од мотото за синхронизација на интересите на сите Македонци во Швајцарија.
Односите на друштвото со Општина Ешалан се на завидно ниво, во зградата на општината е изложена македонска витрина каде што се изложени „Пактот за приjателство“, македонско знаме и најразновидни подароци во знак на пријателство.

Д.Ст.