Фото: Игор Бансколиев
Дали повисокoto ДДВ ќе ги зголеми сметките за електрична енергија

Според енергетските експерти, најпрвин е неопходно и потребно „домашниот производител на струја да ја зголеми својата финансиска и производна ефикасност за да може да го покрие зголемувањето на даночната стапка“

Новата цена на електричната енергија што ќе влезе во сметките од јули ќе биде позната по завршување на сите енергетско-економски, но и политички калкулации за кои ќе се одлучува на затворена владина седница!

Засега, тоа што е познато е дека ДДВ-то од наредниот месец се враќа на 18 проценти, но наедно е најавено и враќање на двочасовната дневна евтина тарифа. Токму евтината тарифа би требало да има некакво (надолно) влијание на цената што би ја плаќале потрошувачите, но од друга страна зголемувањето на ДДВ-то (на 18 отсто) би влијаело во обратна насока, имено, за зголемување на цената.

Почетните пресметки со кои излегоа од Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека струјата треба да поскапи за околу 13 отсто, доколку бидат прифатени сите барања на енергетските компании. Меѓутоа, според пресметките што се прават од Министерството за економија, излегуваат со изјави во јавноста од институцијата дека „не треба да се очекува некое зголемување на цената на струјата“.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) излезе со низа аргументи што би требало да се земат предвид, кои не одат во прилог на зголемување на цената. Во таа насока, она што го презентираше претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, е: намалена цена на електрична енергија на светските берзи, зголемено домашно производство на струја од обновливи извори на енергија и намалена потрошувачка на домаќинствата за околу 16 отсто.

Постојат модели во кои е можно да нема покачување на цената, но треба да се најде и усогласи еден таков

Министерот за економија Крешник Бектеши деновиве ќе се разговара за новиот модел за формирање на новата цена на струјата, кој заеднички би бил формиран на енергетскиот совет.
– Граѓаните нема да плаќаат поголема цена од постојната од 1 јули до крајот на годината – беше ставот што го изнесе министерот Бектеши.
Соговорниците тврдат дека „по која цена граѓаните ќе ја плаќаат струјата од први, одлучувачки фактор ќе биде по која цена ЕСМ ќе ја продава произведената струја кон „ЕВН хоум“, но и колку ќе произведат домашните традиционално произведувачки капацитети“.

Од ЕСМ веќе објавија дека пресметката ќе ја достават до Влада на 6 јуни, а за крајната цена одлучува Владата на затворена седница. Од Електродистрибуција побарале зголемување за 32,17 отсто, систем-операторот МЕПСО за 53, а преносниот систем МЕМО за 83,3 проценти. Причините поради кои компаниите бараат зголемување се должат на зголемени трошоци за работење!?

А на ова треба да се додаде и враќањето на ДДВ-то од 10 на 18 отсто!? Затоа, кои фактори ќе преовладеат при дефинирањето на цената на струјата ќе произлезе од анализите што се прават од Регулаторната комисија, за оправданоста на прикажаните трошоци во производството и дистрибуцијата на електричната енергија до крајниот потрошувач. Во своите пресметки МЕПСО ги ставила и долговите на компанијата. (?!)

Но појдовната основа за формирањето на цената, секако ќе биде цената на мегават-час, која „ЕВН хоум“ ќе ја набави за договорен тендер од домашното производство на ЕЛЕМ. Истовремено и ЕВН и МЕПСО треба да објават тендери за загубите на струја во мрежата. Токму од тие параметри најмногу ќе зависи каква струја ќе плаќаат граѓаните. Во врска со ова, Бислимовски беше дециден.
– Трошоците, односно побарувања што МЕПСО ги има од страна на одредени трговци, РКЕ никогаш нема да ги прифати како трошок, и никогаш нема да се на товар на потрошувачите во Македонија. Напротив, тие приходи што требало да ги оствари МЕПСО во нашите калкулации ги земаме како приходи. Дали може да ги наплати или не, тоа ќе си среди компанијата, но и да не го наплати, ние нема да им го префрлиме на потрошувачите – изјави Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Димитров: Домашните производители на струја да ја зголемат својата финансиска и производна ефикасност

Експертот за енергетика Константин Димитров се сомнева во изјавите на претставниците од економскиот дел на власта дека нема да има поскапување на цената на електричната енергија и покрај одлуката да се зголеми ДДВ-то. Димитров посочува на повеќе фактори што ја утврдуваат цената на електричната енергија, а кои не се во корист на „оптимистичкиот став“ дека нема да имаме повисоки сметки за струја.
– Како прво, потребно е домашниот производител на струја да ја зголеми својата финансиска и производна ефикасност и да може да го покрие зголемувањето на даночната стапка. Порастот од осум отсто е висок и не може да се компензира со производство на поевтина домашна енергија. Треба да се земат предвид и другите ставки што ја формираат крајната цена на струјата. На меѓународниот пазар на електрична енергија е можно и зголемување на цената во наредните месеци, а во исто време имаме и пораст на цените за транзит за десетина проценти. Затоа не сум сигурен дека ќе имаме непроменета цена на струјата. Тоа што сегашната цена на струјата е намалена е поради намалување на потрошувачката и во најголем дел поради намалување на производството во Европа. Но тоа може и да се промени во наредниот период – вели Димитров.

Моменталната енергетска политика што се води, според него, е погрешна, затоа што се состои од купување енергија од странство, на сметка на развојот на домашните енергетски капацитети. Не може да се сведеме на тоа, да ги покриваме големите потреби однадвор, а домашните енергетски капацитети да се држат како „златна резерва“. Тоа, според Димитров, е неодржливо на долг рок и на тој начин се доведува во прашање развојот на домашниот енергетски систем.
– Во моментов се соочуваме со недостиг од јаглен за битолските термоцентрали и не гледам дека тој проблем би се надминал во скоро време. Ако политиката е РЕК „Битола“ да биде резерва, тогаш зошто ни е да одржуваме толкав систем од шест илјади вработени, кога полесно ни е да увезуваме струја! Но тоа не е решение. Користењето на енергијата од фотоволтаичните централи е само во одредени периоди и за нив мора да има воспоставени алтернативни извори – ни изјави Димитров.

На прашањето дали државата ќе продолжи со субвенционирањето на трошоците од работењето на домашните енергетски капацитети, со што би се покрила и разликата од зголемениот ДДВ, или со комбинирање на цените во различните тарифни модели, нашиот соговорник вели дека тоа не е може да биде издржано решение, затоа што за да се одобрат средства за таа намена, потребно е да има прогласено енергетска криза.
– Тоа во овој момент е неизводливо, ако се знае дека на меѓународниот пазар има пониски цени за струјата, во споредба со периодот од минатогодишната енергетска криза. Како прашање што се поставува во формирањето на цените на електричната енергија е како ќе се вкалкулираат и „загубите“ во преносната мрежа, која според барањата поднесени од главните дистрибутери во земјата се високи, доколку се погледне нивното барање за зголемување на цената за 36 отсто!? Прикажувањето високи загуби во преносот, од вообичаените седум-осум отсто во развиените енергетски преносни системи, значи само дека сѐ уште има голема кражба на енергија, која мора да ја плаќаат сите граѓани преку формирањето на цената на електричната енергија – вели Димитров.

Кога се укина евтината дневна тарифа, Регулаторната комисија излезе со податок дека тоа во просек ќе ги зголеми цените на сметките за 5 отсто. Нејзиното враќање треба значајно да го ублажи зголемувањето на данокот од 10 на 18 отсто. Од 1 јули 2022 година почна и системот на блок-тарифирање на електричната енергија, така што оние што трошат помалку и плаќаат помалку. Најголем дел од корисниците на електричната енергија се во првата и во втората блок-тарифа. Точниот датум кога ќе почне да се враќа евтината тарифа ќе се објави за десетина дена, а тоа зависи од подготвеноста на ЕВН да ја спроведе оваа операција, која сега е покомплицирана токму поради блок-тарифите. Евтината тарифа нема одеднаш да ја добијат сите граѓани, затоа што струјомерите рачно се местат, односно мал е уделот на „автоматските“ струјомери, информираа од РКЕ. М.Ј.