Поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, го загуби правото да работи надвор од затворот „Идризово“, потврди за МИА директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов.
Постапувајќи по службена должност Управата направила проверка за почитувањето на условите за користење на правото за работен ангажман надвор од затворот, при што е утврдено дека Јанева не ги почитувала.
Јанева, во февруари годинава добила дозвола да работи во адвокатската канцеларија на нејзиниот син, адвокатот Лазар Јанев, со веќе издржани пет од вкупно седум години затворска казна за случајот „Рекет“. Според условите, наутро таа излегува од Идризово, а по завршување на работниот ден, требало да се врати во затворската ќелија.
Јанева во јуни 2020 година беше осудена за злоупотреба на службената положба и овластување на седумгодишна затворска казна во случајот „Рекет“, заедно со Бојан Јовановски кој тогаш доби казна затвор од девет години.