Гостиварското јавно обвинителство донесе наредба за истрага против 22-годишник од Кичево кој спроти платото на кичевската товарна железничка станица се обидел да силува 18-годишна девојка што била во придружба на нејзината малолетна сестра.
Како што информираат од обвинителството, осомничениот на 22 октомври, со употреба на сила и закана по животот на девојката, се обидел да ја силува.
Тој најпрвин ја следел 18-годишната девојка, која заедно со нејзината малолетна сестра се движела по импровизиран дрвен мост кон нивниот дом. Кога пристигнале спроти платото на товарната железничка станица осомничениот им се приближил и се обидел да изврши обљуба.
Девојката и нејзината помала сестра неколкупати го удриле напаѓачот и успеале да побегнат, а настанот го пријавиле во полиција.
Напаѓачот е осомничен дека сторил кривично дело силување во обид.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежен јавен обвинител до судија од Основниот суд Гостивар доставил и предлог за мерка притвор, кој е прифатен и на осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена.