Фото: МИА

Пратеникот Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ, денеска беше осуден на двегодишна условна казна затвор за „злоупотреба на службената положба и овластување“ во предметот „Дизајн“ кој се однесува на набавката на кинеските автобуси за Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје.

Казната нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од пет години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Судијата Осман Шабани пресудата ја изрече денеска во празна судница, само пред медиумите, затоа што ниту обвинетиот Јанушев и неговите бранители, ниту обвинителката Лиле Стефанова не дојдоа на пресудата.

Во случајот се обвинети и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, и две други обвинети кои ја признаа вината за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и беа прогласени за виновни и осудени на условна казна од две години затвор, која нема да се реализира доколку обвинетите во следните пет години не сторат ново кривично дело.

Според Обвинението, сите обвинети ја фаворизирале кинеската фирма која ги набави автобусите за ЈСП, а таа немала доставено банкарска гаранција и сертификат за квалитет како што се барало во тендерската документација. И покрај тоа што понуда на фирма од Бугарија била пониска, Комисијата го избрала економскиот оператор од Кина и му предложила на поранешниот министер, Миле Јанакиески, да склучи договор со него.

Обвинението за овој предмет беше поднесено во јули 2021 година, а набавката била правена во 2009 година.