Фото: Маја Јаневска Илиева

Директорот на Институт за судска медицина, Александар Станков, на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани изјави дека главна причина за смрт кај најголем дел од жртвите е труење со јаглероден моноксид, прденесе МИА.

Според обдукциските наоди и токсиколошките анализи, кај 59 од вкупно 63 жртви утврдено е насилно задушување, предизвикано од комбинација на труење со јаглероден моноксид, амбиентална и компресивна асфикција, како и термички оштетувања на дишните органи. Кај останатите четири лица, смртта настапила како последица на тешки изгореници и оштетување на белите дробови.

Станков појасни дека јаглеродниот моноксид е доминантен фактор при пожари во затворен простор, бидејќи брзо го исполнува просторот и го спречува транспортот на кислород во организмот. Други токсични материи, како водородниот цијанид, топлиот воздух и чадот, дополнително го влошуваат ефектот, но не се примарна причина за смрт.

Токсиколошките анализи покажале присуство на цијаниди кај 33 жртви, алкохол кај 49, дрога кај осум и седативи или антидепресиви кај четири лица. Сепак, според вештакот, овие фактори имале споредна улога во однос на труењето со јаглероден моноксид.

Тој истакна дека концентрациите на карбокси-хемоглобин во крвта варирале, при што кај дел од жртвите достигнувале и над 40 проценти, што е сериозен показател за фатално труење.

Станков објасни дека во вакви случаи не може да се разгледува само еден фактор, бидејќи станува збор за комплексна комбинација на влијанија – токсични гасови, намален кислород, висока температура и механички притисок во услови на паника.

Во сведочењето беше посочено и дека дел од анализите биле дополнително доставени поради потребата од подолг временски период за обработка, особено за цијанидите.

Судењето се однесува на пожарот што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ за време на концерт, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.