Долготрајниот новинарско-истражувачки проект на „Би-би-си“ откри нови шокантни детали за една од најголемите „Понзиеви шеми на сите времиња“. Уанкоин (OneCoin), кој со измама беше окарактеризиран како криптовалута и чие купување требаше на многумина да им донесе богатство, се чини дека доби значителна поддршка од високи владини лидери и во Обединетите Арапски Емирати и во Бугарија! Според објавата на британскиот медиум, до бегалците што ја започнале измамата пристигнувале детали од меѓународната полициска истрага

Деновиве во јавноста повторно се актуализира името Ружа Игнатова, за многумина анонимна и непозната личност, меѓутоа во светот на криптобизнисите таа е прогласена за криптокралица, која успешно заработи богатство на измамничка шема, во која многумина инвестираа големи суми пари.
Неодамна, „Нова Македонија“ направи сеопфатна анализа за тоа која е Игнатова, чие потекло е од Бугарија, и зошто ФБИ ја додаде на листата на десетте најбарани бегалци. Како што се одвива истрагата за неа и за нејзиниот бизнис, продолжуваме да известуваме за една од најголемите криминални личности на денешницата, која кај читателите буди огромен интерес.

ПИОНЕР НА ИЗМАМИТЕ

Долготрајната истрага на „Би-би-си“ откри нови и шокантни детали за една од најголемите Понзиеви шеми на сите времиња. Уанкоин (OneCoin), кој со измама беше окарактеризиран како криптовалута и чие купување требаше на многумина да им донесе богатство, се чини дека доби значителна поддршка од високи владини лидери и во Обединетите Арапски Емирати и во Бугарија.
Според објавата на британскиот медиум, до бегалците што ја започнале измамата пристигнувале детали од меѓународната полициска истрага.
Дури и меѓу ветераните на криптовалутите и анализирачите на актуелните измами со криптовалути, уанкоин е заборавен. Понзиевата шема беше лансирана уште во 2014 година и во голема мера се распадна до средината на 2017 година.
Основачката Ружа Игнатова исчезна на 25 октомври 2017 година и оттогаш не е видена. Заедно со неа, во голема мера од очите на јавноста исчезна и наводната криптовалута. Но уанкоин беше во некоја мрачна смисла пионер на измамите, докажувајќи дека ветувањата за брзо стекнато криптобогатство беа ефективна мамка за наивните жртви. Иако криптовалутата никогаш не стана вистинска криптовалута, сепак тоа не значи дека не направи огромни штети. Како последица на вербата на многумина во оваа шема, успешно беа измамени луѓе низ светот за околу четири милијарди долари.
Уанкоин исто така беше првата голема криптоизмама што стана глобална користејќи тактики за маркетинг на повеќе нивоа – или поточно како измамничка пирамидална шема.

ПОВРЗАНОСТ СО СОМНИТЕЛНИ ФИГУРИ

Сѐ ќе беше тука завршено, ако истражниот тим на Би-би-си не посветеше поголемо внимание на оваа измамничка шема.
Почнувајќи од 2019 година, во медиумот беа објавени голем број истражувања во обид да ја откријат криптокралицата. Во серијалот истражувања беа објавени дури девет истражувачки стории за нејзиното работење.
Интересот на јавноста беше привлечен кога беше објавено дека криптовалутата на Игнатова е повеќе од пирамидална шема. Јавноста дозна дека таа била поврзана и со матни фигури способни за вистинско насилство – веројатно источноевропски организиран криминал.
Оттука, и органите на прогонот веќе пројавија интерес, па кралицата на криптовалутите беше ставена на листата на најбараните криминалци на ФБИ.
Сепак, Ружа Игнатова, сѐ уште не е пронајдена.

НОВИ ДОКАЗИ

Британскиот медиум, по пауза од две години, во септември објави нови шокантни информации за Понзиевата шема на Игнатова.
Уанкоин не бил само шема за народот, од каде што се црпеле средствата, напротив, целиот тој криминален концепт имал поддршка од две различни државни влади.
Според истражувањето, Игнатова соработувала со шеикот Фајсал бин Султан ал Касими, крал во Обединетите Арапски Емирати, за да ги ослободи средствата што биле замрзнати поради сомневање за перење пари. Изгледа дека Игнатова купила вила вредна 20 милиони долари во неговата земја, каде што медиумите шпекулираат дека наводно се крие веќе половина деценија.
Според интернет-медиумите посветени на проблематиката со криптовалутите, најшокантното ново откритие на медиумските работници на Би-би-си е доказ дека структури во бугарската влада активно им помагале на измамниците на уанкоин да останат чекор понапред од меѓународната полиција.
Овие нови откритија ја истакнуваат застрашувачката последица од порастот на огромните глобални финансиски измами во дигиталната ера: нивната способност да внесат огромни суми пари може лесно да привлечат вмешаност на многу моќни и опасни личности, вклучувајќи и мафијаши и корумпирани владини службеници.

[email protected]


Како функционирала измамничката шема?

Лица биле повикувани на вебинар, каде што биле убедувани да инвестираат финансиски средства. Колку повеќе инвестираш, толку повеќе добиваш. Некои од нив дури ги повикале и пријателите да инвестираат. Своите инвестиции ги следеле онлајн, каде што десеткратно им се дуплирале онлајн заработките.
Кога бројката нагло почнала да расте, некои од нив добиле предупредување од човек што дознал дека оваа криптовалута нема блокчејн, тоа што е клучно за нејзино постоење. Станува збор за човек што бил повикан да работи за неа, меѓутоа сомнежот бил посилен од понудата за работа, па ја одбил понудата.
На прашањата до вработените во „Уанкоин“ дали навистина оваа криптовалута нема блокчејн, што е всушност единствената сигурност за нејзиното постоење и стабилност, им било одговарано дека тоа се информации што тие не мора да ги знаат. А по подолго истражување со луѓе што веќе биле запознаени со оваа наводна криптовалута, на инвеститорите им станувало јасно дека парите што ги гледале онлајн биле само обични бројки без никаква вредност.
И покрај тоа што поединци навреме се спасиле од оваа измама, иако инвестирале високи суми, криптокралицата продолжила да патува низ светот заработувајќи лесни пари. Купувала луксузни имоти, правела елитни забави на луксузни јахти…
Во 2017 година, во Португалија била закажана средба помеѓу инвеститорите и Игнатова, средба на која луѓето требало да си ги добијат парите назад, меѓутоа криптокралицата никогаш не се појавила.