Со интервенција на полицискиот хеликоптер и на триесетината пожарникари од Струмица изгаснат е пожарот во Ново Село.
Пожарот многу брзо се проширил на соседните три куќи, а во близина има бензинска пумпа.
Според информациите од Алекснадар Гудев, командир на ТППЕ Струмица, причинета е голема материјална штета, а во расчистувањето на остатоците од пожарот е вклучен и еден багер.
На местото на пожарот е и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, кој во разговор со граѓаните, чии објекти беа зафатени од пожарот, беше информиран дека пожарот се појавил одеднаш.
Според Сандо Николов, причина за пожарот е спој на каблите кои пренесуваат струја од бандера на бандера и според него, но и други жители, и порано се случувало да се случуваат такви инциденти.
– Дуваше ветер и искрата дојде од каблите кои поминуваат тука и веднаш заврши во мојата плевна. Ова се случува веќе трет пат. Успеав да го извадам коњот и притоа ми помогнаа мои другари. Ми изгореа околу 200 бали сено – изјави Николов.
Според Ангелов, на местото на пожарот ќе дојдат вешти лица од МВР за да ја утврдат причината за овој пожар.