Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен словенечки државјанин осомничен за кривичните дела – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1, како и кражба од член 235 став 1 од Кривичниот законик.
На 4 јули, пред спортскиот центар „Јане Сандански“, каде што учествувал на Европско првенство за хип-хоп како тренер на група деца од Република Словенија, осомничениот забележал велосипед вреден 45.000 денари, кој би потпрен на ѕидот и незаклучен. Тој го одзел велосипедот и го скрил во грмушка во близина на кејот на Вардар. Откако завршил натпреварот, велосипедот го расклопил на три дела и го ставил во багажниот простор на автобусот со кој групата требало да се врати во Словенија.
Откако била пријавена кражбата, полициски службеници го легитимирале и го претресле осомничениот, а во неговиот личен багаж пронашле две стаклени тегли и пластично кутивче со вкупно 13,57 грама марихуана.
Со оглед на тоа што се работи за странски државјанин без постојан престој во земјава, јавниот обвинител оцени дека постои очигледна опасност за бегство, како и можност тој да го повтори делото, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.