Царински службеници на граничниот премин Богородица запленија златен накит во вредност од околу 1,1 милион денари, откако двајца косовски државјани се обиделе нелегално да го внесат во државата.
Според информациите од Царинската управа, станува збор за четири златни ланчиња со вкупна тежина од 190,6 грама, кои осомничените ги купиле во Турција. Со намера да го избегнат царинскиот надзор, накитот го носеле на себе и го прикриле под облеката.
Случајот е предаден на Одделението за истраги, кое против двајцата сторители поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Гевгелија поради сомнение за кривично дело криумчарење.
Од Царинската управа информираат дека ова е 11-та заплена на злато од почетокот на годинава, при што досега се одземени вкупно два килограми златен накит.
Најголем број од случаите се откриени на граничниот премин Богородица, каде се евидентирани четири заплени, додека пет случаи се регистрирани на Меѓународниот аеродром Скопје. По една заплена се реализирани и на граничните премини Табановце и Блаце.
Во девет од досегашните случаи, десет лица се кривично гонети од Одделението за истраги поради сомнение за сторено кривично дело криумчарење.
Од Царинската управа нагласуваат дека ќе продолжат со засилените контроли и со бескомпромисен пристап во борбата против сите форми на шверц и финансиски криминал.
– Без разлика на начинот на кој се врши криумчарењето, нашите служби ќе го откријат и ќе обезбедат сторителите да одговараат согласно законот – порачуваат од Царинската управа.



































