ДНК-трагите пронајдени на материјалите со кои биле обвиени скриените пари се еден од клучните докази врз кој Обвинителството го темели обвинението против апелацискиот судија Ѓоко Ристов. Според Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, биолошките вештачења недвосмислено покажале дека токму Ристов ги манипулирал и криел паричните средства, кои беа пронајдени заѕидани во домот на неговите родители во Неготино.
Според Обвинителството, во текот на истражната постапка биле обезбедени цврсти и непобитни докази дека Ристов прикривал парични средства за кои не можел да докаже законско потекло, а кои, како што тврди Обвинителството, лично ги манипулирал и криел. Она што беше основано сомневање на почетокот на истрагата, на крајот само се потврди. Обвинетиот понуди одбрана, но текот на истрагата целосно ја демантира и уште повеќе ја зајакна нашата теза – изјави Хаџи Василева по денешниот брифинг во ОЈО ГОКК.
Парите биле пронајдени во заѕидан простор во домот на родителите на судијата во Неготино, спакувани во повеќе поединечни пакувања. Според Обвинителството, Ристов лично го извршил криењето на средствата, за што, како што беше наведено, постојат материјални докази, вклучително и биолошки траги (ДНК) на материјалите (алуминиумска фолија) со кои биле обвиени паричните износи.
– Со вештачење на биолошките траги утврдивме дека токму обвинетиот е лицето што ги крие овие пари – рече обвинителката додавајќи дека во проторијата се пронајдени ливчиња со ознаки и броеви од предмети за кои Обвинителството тврди дека упатуваат на користење на просториите од страна на Ристов, пренесе МИА.
Иако Обвинителството во оваа фаза не тврди директно дека судијата примил поткуп, Хаџи Василева посочи дека обезбедените докази укажуваат на практики на тргување со влијание и коруптивно посредување.
– Ние сѐ уште не тврдиме, ниту со самото обвинение, дека обвинетиот директно примил поткуп. Меѓутоа, можеме да тврдиме дека и во минатото постоеле многубројни практики за кои имаме обезбедено докази, а кои упатуваат на тргување со влијание и коруптивни дејства на посредно ниво – рече таа.
Обвинителството предложило и конфискација на имотот за кој постои сомневање дека е стекнат противправно. Во однос на евентуалната инволвираност на членови на семејството, обвинителката нагласи дека предметот со обвинението е насочен исклучиво кон Ѓоко Ристов, а финансиските текови на сопругата биле анализирани само од аспект на потеклото на имотот.
На новинарско прашање дали поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој претходно беше осуден во поврзан случај, ќе биде повикан како сведок, Хаџи Василева одговори дека „во оваа фаза таква потреба нема“.
Случајот против судијата Ристов произлезе од истрагата за адвокатот Фехми Стафа, кој во декември 2025 година беше фатен ин флагранти при примање 20.000 евра, дел од договорен износ од 100.000 евра наменети за противзаконито влијание врз апелацискиот судија за укинување мерка притвор. Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.
Како што соопшти денеска обвинителката, иако во конкретниот случај парите не стигнале до судијата, последователните претреси довеле до пронаоѓање вкупно 350.000 евра за кои, според Обвинителството, Ѓоко Ристов нема доказ за законско потекло и не ги пријавил во анкетните листови.
– Овој предмет отвори многу агли, ние сме толку луѓе, ресурсите се тие, истражуваме понатаму сѐ што можеме да истражиме – порача Хаџи Василева.
Постапката против апелацискиот судија продолжува, а Обвинителството најави дека доколу постои сомнение, ќе презема натамошни дејства за испитување евентуална инволвираност и на други лица.


































