Во големата акција што ја реализира Европол на удар се најдоа организирани криминални групи вклучени во бизнис со шверцување мигранти што „оперирале“ на балканската маршрута за шверц на мигранти. Истрагата се реализирала во соработка со бугарските, турските и со српските власти. Главните начини за транспорт што ги користеле шверцерите биле комбиња, кампери и автобуси, а цените за услугите варирале во зависност од тоа дали пренесувале поголеми или помали групи
Шверцот со мигранти е сериозен проблем за секоја земја во светот, особено за оние што се наоѓаат на маршутата на т.н. шверцерски канали. Во обидот илегално да преминат граници, мигрантите не избираат средства, па честопати се потпираат на измамници што им ги земаат парите, не одговараат за нивната безбедност, па честопати доаѓа до инциденти, некои и со трагичен крај. Шверцерите со мигранти, пак, во оваа категорија граѓани, кои оставиле сѐ што имаат зад себе и заминале во потрагата по подобар живот, гледаат златна можност за брза заработка, и тоа честопати преку нивна злоупотреба. Во тој маѓепсан круг се кријат многу криминал, злоупотреби, измами, човечки трагедии и што уште не.
ЦЕНИ И ДО 10 ИЛЈАДИ ЕВРА
Црните хроники на медиумите секојдневно се исполнети со вести поврзани со шверцот на мигранти. Најновиот голем случај доаѓа од соседна Бугарија, каде што дури 92 лица се обвинети за шверц со мигранти. Во големата акција „Хавала“, која неодамна ја реализира Европол со помош на бугарските власти, биле опфатени организирани криминални групи вклучени во бизнис со шверцување мигранти што „оперирале“ на балканската маршрута за шверц на мигранти. Истрагата се реализирала во блиска соработка со турските и српските власти.
Акцијата го добила своето име по откритието дека шемата на плаќања помеѓу поединечни учесници во оваа балканска маршрута го вклучува системот Хавала, кој вообичаено се користи за испраќање пари во арапскиот свет. Но, истовремено, системот Хавала е популарен меѓу различни криминални групи и терористи од Блискиот Исток.
Полициската акција започна минатиот понеделник во софискиот кварт Зона Б5, кога униформирани службеници упаднале во станбен блок и извршиле претрес во стан во кој живеел сириски државјанин. Утврдено е дека станот бил користен за сместување, каде што групи бегалци престојувале неколку ноќи пред да бидат префрлени на границата со Србија. Слични адреси беа проверени и во неколку други софиски квартови, како и во неколку други места низ Бугарија.
Во Зона Б5 се приведени маж и жена што се сметаат за главни играчи во организацијата на каналот, познат и како „балкански пат“, кој води од Северна Африка, Блискиот Исток и Азија преку Бугарија до Западна Европа. Заедно со главните играчи во акцијата се уапсени и голем број помагачи, возачи и станоиздавачи.
Фокусот на истрагата бил на мрежите за шверцување мигранти од Турција, преку Бугарија, во Србија, а потоа и во Западна Европа, додека организаторите на шверцувањето имале бази во сите три земји. Тие си создале свои национални мрежи на членови, со строго утврдена хиерархија, кои ја имале одговорноста да транспортираат мигранти и да ги сместуваат во секоја од земјите.
Главните начини за транспорт што ги користеле шверцерите биле комбиња, кампери и автобуси, а цените за услугите варирале во зависност од тоа дали пренесувале поголеми или помали групи.
Исто така, утврдено е дека речиси секогаш се користеле пилот-автомобили, кои оделе пред возилата со мигранти, за да потврдат дека патот е чист, односно дека нема полициски патроли. Она што е интересно е дека во последно време ваквите автомобили ги возеле жени, за да не предизвикаат сомнеж.
Цените за шверц на поголеми групи се движеле од две до три илјади едва по лице, а доколку мигрантите се шверцувале во помали групи од по пет-шест лица, т.н. „ВИП-тури“, тогаш им било наплаќано и до неверојатни десет илјади евра.
Плаќањето за услугата се вршело веднаш по потврдата од страна на главниот организатор на „турата“ од Турција, кој ќе дал потврда дека мигрантите стигнале во Србија.
ИНЦИДЕНТИ СО СМРТНИ ПОСЛЕДИЦИ
Големата акција наречена „Хавала“ следуваше откако бугарските власти претходно алармираа дека во изминатиот период се регистрирани зголемени активности за шверцување мигранти на нивната јужна граница. Некои од нив беа со трагични последици.
Во август 2022 година се случи инцидент, во кој двајца полицајци загинаа во обид да запрат автобус со мигранти што илегално влегле во земјата. Инцидентот се случи во градот Бургас, а во автобусот со турски регистарски таблички се превезувале 47 мигранти, чија националност не е потврдена. Возачот на автобусот прво не застанал на два последователни контролни пункта на граничната полиција, а потоа влегол во населено место. Полицајците се обиделе да му го попречат патот со автомобил, но тој не застанал, удрил во автомобилот, а потоа удрил во автобуската постојка. Двајцата полицајци во автомобилот загинале на самото место.
Подоцна истата година, службеник од бугарската гранична полиција беше застрелан за време на редовна патрола на границата со Турција.
Овие инциденти укажуваа на зголемување и на шверцерските активности и на насилството на инволвираните криминални мрежи. За таа цел, на крајот на минатата година, Европол ја зголеми поддршката за бугарските власти со испраќање аналитичар. На денот на акцијата, 16 јануари, Европол испрати експерт во Софија за да обезбеди аналитичка поддршка во реално време и вкрстена проверка на оперативните информации во базите на податоци на Европол.
И МАКЕДОНЦИТЕ САКААТ ДА ШВЕРЦУВААТ МИГРАНТИ ВО БУГАРИЈА?!
Не е тајна дека шверцот со мигранти е атрактивен бизнис и за некои од македонските граѓани. Дека тоа е така говорат и многубројните случаи што секојдневно во своите билтени ги објавува Министерството за внатрешни работи.
Но покрај шверцот на домашен терен, има извесен број Македонци, кои во обидот да заработат, се впуштаат и во шверц во соседните држави, особено во Бугарија. Нема информации за тоа дали овие случаи се поврзани со криминалните мрежи што ги разби Европол, но сепак, отвораат сомнеж.
Во ноември минатата година, македонски државјанин заработил кривична пријава. Тој, за да стекне имотна корист, им помогнал на 15 авганистански државјани илегално да престојуваат во Софија и да минуваат низ Бугарија, со тоа што ги превезувал со автомобил.
Во Бургас, пак, на крајот на август минатата година беше уапсен 60-годишен возач на камион, кој во камионот превезувал 88 мигранти. Бугарските власти тогаш објавија дека станува збор за македонски државјанин, кој превезувал само мажи од Авганистан.