Објавено образложението за прифаќање на гаранцијата од поранешниот шеф на УБК

Скопскиот Кривичен суд погрешно оценил дека понудената гаранција на Сашо Мијалков нема да го обезбеди во понатамошниот тек на постапката, се наведува во главниот заклучок од образложението на Апелација, со чие решение му ја уважиле жалбата на поранешниот шеф на УБК за притворот и му определиле поблаги мерки.

Денеска објавеното образложение во најголема мера се задржува на понудената гаранција во вредност од над 11 милиони евра која опфаќа станови, деловни објекти, хотелски апартмани, бензинска станица и земјиште, со налог да се стави под хипотека.

– Не е спорно дека кривичната постапка е во тек и дека се уште е потребно обезбедување на присуство на обвинетиот, со цел да се спречи истиот да се даде во бегство, што преставува основ за мерката притвор, но со оглед на околностите дека идентитетот на обвинетиот е утврден и познат, има оформено потесно семејство, родител е на две деца, а во корелација со висината на определената гаранција, советот на овој суд цени дека погоре наведените околности преставуваат вредносно обезбедување за присуство на обвинетиот во понатамошниот тек на кривичната постапка – наведуваат од Апелационен суд Скопје, осврнувајќи се на одлуката на Кривичен за притвор.

Кривичен, по завчерашната одлука на Апелација, на барање на обвинителството му определи нов притвор на Мијалков, но за случајот „Плацови на Водно“. Неговите адвокати поднесоа жалба по која ќе се одлучува следната недела.