Фото: Архива

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во случај да се забележи ваков прекршок, полицијата постапува во согласност со членот 124 став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а казнената одредба е по членот 124 став 3 од наведениот закон

Возачите со неприспособена брзина несовесно ги прскаат пешаците со валкана вода од коловозите

Временските (не)прилики ги извадија на виделина несовесноста и невнимателноста на возачите во метрополата. Врнежите од дожд, кои завчера буквално направија поголеми водени површини на сообраќајниците, предизвикаа лавина реакции од граѓаните, најчесто од пешаците и велосипедистите, бидејќи возачите несовесно се движат низ улиците и постојано ги прскаат минувачите.
За жал, за оваа проблематика не може да се направи многу, бидејќи за да биде санкциониран некој од возачите, мора да биде фатен на самото место од страна на полициски службеник.

– Гледаат дека има многу вода на улиците и воопшто не внимаваат дали ќе испрскаат некого или не. Во вакви временски услови, барем еднаш во денот ми се случува да бидам испрскана од возач што или не го забележал вирот со вода или не ме забележал мене, па вози со поголема брзина и прска сѐ околу себе. Не сум само јас, има уште голем број минувачи што ја имаат истата мака – вели Лиле Стојановска.
Таа истакнува дека за овој проблем мора да се најде порационално решение, кое ќе ги штити пешаците, бидејќи ретко кога полициски службеник ќе се најде на самото место за да го санкционира несовесниот возач.
– Еднаш пријавив, но немав никакви докази за да докажам кој е возачот што ме испрска и случајот си остана така – вели Стојановска.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во случај да се забележи ваков прекршок, полицијата постапува во согласност со членот 124 став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а казнената одредба е по членот 124 став 3 од наведениот закон.

– Во случај кога прекршокот е утврден од страна на полициски службеник лично или со соодветни технички средства, на прекршителот му се издава прекршочен платен налог за уплата на предвидената глоба во согласност со Законот. Во случаите кога прекршокот не е констатиран од страна на полициски службеник или со помош на соодветни технички средства, пешакот може да пријави во полициска станица, каде што се составува записник за прием на пријава и, доколку се обезбедат докази, на прекршителот му се издава прекршочен платен налог во согласност со наведената процедура – информираат од Министерството.
Оттаму велат дека постапката за пријавување возач што постапил несовесно во случај кога на коловозот има вода е констатирање прекршок од страна на полициски службеник или пријава на оштетен и сведок за настанот.

[email protected]