Фото: Игор Бансколиев

Одбраната на Бојан Јовановски бара првостепената пресуда за случајот „Рекет“ да биде укината или случајот да биде вратен на повторно судење, поради, како што беше истакнато, суштествени повреди и погрешно утврдена материјална и фактичка состојба.

Адвокатот на Јовановски, Сашко Дуковски, образложувајќи ја жалбата пред Апелациониот суд, тврди дека нема никакво вештачење на електронски уред за овој случај, а особено на мобилниот телефон на неговиот клиент, со што го  постави прашањето дали пресудата се заснова на докази или индиции.

Според Дуковски, незаконитото водење на постапката и продолжувањето на притворот предизвикало сериозни здравствени последици врз Јовановски, за што најави дека ќе бидат доставени и материјални докази.

Поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева не присуствува на седницата поради здравствени причини и жалбата ќе биде презентирана од нејзините бранители Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска.

Јовановски е осуден на девет години затвор за случајот „Рекет“, а Јанева на седумгодишна затворска казна.