Завршни зборови за „Таргет-Тврдина“

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, имал можност од својата канцеларија нелегално да слуша телефонски разговори, без судски налог, наведоа претставниците на обвинителството Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов, објаснувајќи како се спроведувало прислушвањето во УБК и како се обезбедени докази, во завршните зборови за случајот „Таргет-Тврдина“ на денешното рочиште во Кривичен суд. Случајот се однесува на масовното прислушкување од УБК кое се одвивало од 2008 до 2015 година.

– Постоеле кориснички имиња со кои можеле можеле да слушаат разговори директно од канцелариите. Г.Г. било корисничкото име за Горан Грујевски, Н.Н. за обвинетата началничка Надица Николиќ, а имало и корисничко име директор. Тогашен директор на управата е Сашо Мијалков – наведе обвинителството.

Во предметот „Таргет-Тврдина“, обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.