Полицијата поднесе кривични пријави против четири лица за пуштање „бомби” на разглас. Кривичната пријава следува откако на 4-ти април за време на изборната кампања, тие во Прилеп организираа мал собир на кој на разглас пуштија неколку нелегално прислушувани разговори.

Прилепската полиција до обвинителството поднесе кривична пријава против Љ.П. (55) од Тетово, Г.Н. (49) од Прилеп, Т.М. (44) од Битола, и Г.Т. (51) од Прилеп поради „неовластено прислушување и тонско снимање“.

-На 4-ти април годинава, околу 19 часот во Прилеп на ул. „Мице Козар“ се одржал ненајавен протестен собир организиран од страна на движењето „Бојкотирам“ од Скопје. Првопријавениот одржал говор каде во еден момент побарал од второпријавениот Г.Н. да пушти на лап топ компјутер, кој пак бил приклучен на озвучување, тонска снимка од разговор помеѓу две лица, најверојатно телефонски, за која постои основа на сомнение дека е неовластено тонски снимања- соопштија од МВР.

Втората аудио снимка, од страна на првопријавениот е пуштена последователно на ист начин. Предметните тонски снимки се пуштени на преслушување за присутните учесници на собирот, како и за лицата кои по пат на интернет на социјалната мрежа „Фејбук“, во живо го следеле настанот кој бил пренесуван од второ, трето и четврто пријавените преку нивните мобилни телефони во реално време.

На 5-ти април Љ.П., Г.Н. и Т.М. се задржани во полициската станица во Прилеп. Со Наредби за претрес од Основен Суд Прилеп, кај Г.Н., Т.М. и Г.Т. извршени се претреси во нивните домови, а за првопријавениот – извршен е претрес на неговото возило „цитроен Ц4 кактус“ кое сам го донел во кругот на полициската станица во Прилеп.

Одземените предмети (нивните мобилни телефони, мемориски картички, УСБ стикови и друга електронска и компјутерска опрема) се доставени за вештачење во МВР. Истовремено, од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при БЈБ на МВР доставен е прилог ДВД со документирани профили на социјалната мрежа Фејсбук.