Надлежен јавен обвинител од Oсновното јавно обвинителство за гонење на oрганизиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице – косовски државјанин, осомничен дека сторил кривично дело – криумчарење мигранти.

-Вчера, во попладневните часови на автопатот Е-75, во близина на „клучка Прдејци“ кај село Прдејци, осомничениот управувајќи товарно моторно возило марка „ИВЕКО“ не застанал на знакот за запирање даден од страна на полициските службеници и се дал во бегство во правец кон Скопје. По кратко време возилото со кое управувал било запрено и во него се пронајдени 39 полнолетни мигранти од Авганистан, Пакистан, Индија и Кашмир и четири малолетни лица од Пакистан. Осомничениот е лишен од слобода и денеска ќе биде изведен пред Судија на претходна постапка- се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување на мерка – притвор за осомничениот.